Зошто Холандија ги блокира Бугарија и Романија за влез во шенген-зоната

Холандија продолжува да го запира процесот за Романија и Бугарија да се приклучат на европската безгранична шенген-зона. Некои политичари и државни функционери во најисточните ЕУ-земји предупредуваат дека потегот на Холандија од јавноста во Бугарија и Романија е сфатен како „нефер и дискриминаторски“ и дека таквиот потег „во време на нестабилност ризикува да ги подигне евроскептицизмот и раздорот на уште повисоко скалило“. Меѓутоа, овој пат Холандија, без политикантско-бриселски калкулации (за некаква геостратегија) и авансирани попусти, цврсто се држи до строго утврдените критериуми за влез во шенген-зоната. Имено, таквите принципиелни критериуми не ги задоволуваат Софија и Букурешт.

Консензусот како судбина на кандидатите

Минатиот четврток, холандскиот парламент (засега) стави точка во надежите Романија и Бугарија да станат полноправни членки на шенген. Имено, холандскиот парламент побара двете земји (Бугарија и Романија) да обезбедат, приложат и образложат повеќе докази дека тие ефикасно се справуваат со корупцијата. Холандскиот парламент во своето образложение (резолуција) за одбивање на Бугарија и Романија наведе сериозни проблеми со нивното функционирање на граничната контрола и зголемување на безбедносните ризици.
Но и двете земји се убедени дека наскоро ќе станат членки и барем неофицијално се надеваат дека Холандија ќе го преиспита својот став, за кој велат дека нема правна основа.
– Холандија сега е сама. Сите земји од ЕУ стојат зад Бугарија, оваа поддршка е важна и ќе доведе до вистински резултат – коментираше бугарскиот претседател Румен Радев по состанокот на Европскиот совет во петокот, еден ден откако холандскиот парламент ја усвои својата резолуција.
Во меѓувреме, романскиот премиер Николае Чиука ја минимизира холандската резолуција, велејќи дека таа не е вознемирувачка, бидејќи Романија направи сѐ што е потребно за да ги исполни техничките барања за пристап.
Во интервју за „Еурактив Бугарија“, романскиот европратеник Влад Георге (Обнови ја Европа) рече дека ако двете земји повторно останат надвор од шенген, тоа ќе доведе до подем на екстремната десница во двете балкански земји.
– Мислам дека тоа ќе ја направи Европа послаба. Она што ја направи Европа силна за време на кризата со ковид-19 и сега, за време на војната, беше тоа што таа остана обединета. Овој пат ЕУ ќе го покаже токму спротивното, а нашите непријатели ќе се обидат да го искористат тоа. Имаме непријатели. Го имаме Путин, имаме други автократски држави што сакаат да се растури ЕУ, тие ќе го гледаат ова како совршена можност да им помогнат на екстремно десничарските партии во нашите држави да се развијат. Екстремистите ќе бидат навистина среќни – додаде Георге.
Според него, Холанѓаните ја извезуваат својата внатрешна политика на ниво на ЕУ, што создава многу нездрави правни и политички преседани за блокот.

Бумерангот кон официјална Софија

Некои набљудувачи потсетуваат дека холандското стопирање за Бугарија и Романија е „еден вид лоша карма“ (морален бумеранг) за попречувањето на европската интеграција на Македонија што го прави Софија поради хегемонистичките и асимилаторски неевропски принципи за негирање на македонскиот јазик и историја и правата на малцинствата, како критериуми наметнати од Бугарија за интеграциите на Македонија. Имено, ваквите непринципиелни политики на официјална Софија предизвикаа револт меѓу многу интелектуалци од Европа и светот, кои изјавија дека Бугарија „држи во заложништво“ земја што е во европската географска зона, а е и членка на НАТО.
На 18 октомври, Европскиот парламент го издаде својот трет апел во последните четири години за брз прием на Бугарија и Романија во шенген.
Бугарскиот министер за правда, Крум Зарков, во интервју за „Еурактив“, признава дека и Холанѓаните можат да предизвикаат антиевропски чувства во Бугарија.
– Разочарувањето природно го поттикнува евроскептицизмот. Особено кога тоа е толку очигледно неправедно. Европа во Бугарија е поврзана со барањата да се воспостави владеење на правото, што, меѓу другото, значи да се управува со правила. Бугарија ги исполни условите за шенген и се стекна со право да биде дел од заедничкиот простор за патување пред повеќе од десет години – коментира Зарков.
Во меѓувреме, „пријателски гласови од Кремљ добиваат гласност во Бугарија“. Згора на тоа, во Софија продолжува да беснее продолжена политичка нестабилност, а петтите општи избори во две години изгледаат сè поверојатно.
На поранешниот премиер Бојко Борисов, во земја каде што според некои процени на бугарски аналитичари „речиси половина од населението има силни проруски чувства“, сега му е тешко да го продаде својот предлог за коалиција против Путин, бидејќи партиите се загрижени поради лошите резултати на неговата партија во однос на корупцијата. Неговата партија ГЕРБ победи со нешто повеќе од 25 отсто од гласовите, но се најде политички изолирана бидејќи пратениците на двете партии што би ја поддржале – ДПС и Бугарски подем – не се доволни за формирање влада.
Во меѓувреме, проруската радикална партија Вазраждане ги подобри своите перформанси, доаѓајќи на четвртото место, со околу 10 отсто од гласовите минатиот месец, и доби 14 дополнителни места за вкупно 27 од 240 мандати во законодавниот дом. Партијата работи за повлекување на Бугарија од НАТО и ЕУ.
Состојбата со евроскептицизмот во Бугарија е пред точка на вриење, не поради доведувањето во прашање на нејзиното членство во ЕУ, или пак загрозувањето на Унијата, туку најмногу поради внатрешната политичка криза и нестабилност и генерирањето исто такво деструктивно политичко расположение во регионот, особено кон своите соседи – Македонија и Србија.