Коста К.(13), кој вчера наутро уби осум врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, е најсуровиот масовен убиец на деца во историјата на светот, пишува Блиц.рс.
Меѓу сите масовни убијци во светот помлади од 14 години, што во Србија е законска граница под која детето не може кривично да одговара за кривично дело без разлика на бројот на жртвите, никој досега не убил толку жртви како Коста К. – пишуваат српските медиуми.
Потсетуваат дека во 2019 година, Кајл Алвуд уби пет членови од своето семејство кога запали куќа во Илиноис, САД. Тој тогаш имаше само 9 години. Во 1998 година, Ендрју Голден (11) и неговиот соучесник Мичел Џонсон (13) убиле четворица ученици и еден наставник во средно училиште во Арканзас, а раниле уште 10. Бразилецот Марсело Едуардо Бово (13) уби четири лица во Сао Паоло во 2013 година, по што извршил самоубиство.
На оваа листа би можела да се најде и Германката Ајда Шел (13), која убила шест бебиња во Минхен во 1907 година.
Последното масовно злосторство од вакви размери, кое го извршил некој барем приближно на иста возраст како Коста К., се случил дури пред 65 години, во Соединетите Американски Држави, пренесуваат медиумите во соседството.
Во 1968 година, девојката Керил Ен Фугејт, една година постара од Коста К. во моментот на злосторството, убила 11 луѓе. По апсењето, таа стана најмладата жена во историјата на САД на која и се судеше за најтешка форма на убиство. Таа беше осудена на доживотен затвор, но беше пуштена на условна слобода во 1976 година.
Ерик Борел (16) бил средношколец кој во 1999 година во едно село во Франција го убил своето семејство, а потоа и 12 други луѓе. Зад себе остави вкупно 15 жртви. По злосторството, тој се самоуби.