Аналитичарите сметаат дека претстојниот референдум има посебно значење, бидејќи успехот на референдумот би бил значајно поместување во политичкиот развој на Словенија на уште повисоко скалило, во насока на земја со развиена и стабилна демократија. Референдумот за кој се подготвуваат Словенците добива уште повеќе значење, бидејќи тие ќе одлучуваат за суштински важни прашања и воопшто не се воздржуваат од тоа ниту, пак, се обидуваат да го минираат референдумот како најдемократски облик и инструмент на одлучување. И за крај, иако не и најмалку важно, засега не е забележано ни најмало странско мешање или какво било влијание врз неприкосновената волја на граѓаните
Како високоразвиените држави го третираат највисокиот облик на непосредно одлучување на граѓаните
Словенија се соочува со тектонски политички промени, оценуваат политичките аналитичари. Ваквото свое тврдење тие го градат на фактот што во април годинава ветерот на промените најнапред ја донесе победата на Движењето за слобода (ГС) на Роберт Голоб, продолжи со победата на независната претседателска кандидатка Наташа Пирц Мусар, а на неодамнешните локални избори најголемата владина партија, Движењето за слобода, успеа да зајакне локално и да заземе политички простор во центарот. Но никој, ама баш никој не го проблематизира одржувањето на највисокиот демократски институт – референдумот, со кој непосредно од граѓаните ќе се добијат одговорот и ставот за одредено општествено актуелно прашање.
Со референдумите ќе се направи значајно поместување во политичкиот развој на Словенија во насока на земја со развиена и стабилна демократија
Во тој контекст, многумина ја гледаат и најавата за задолжителни референдуми што треба да се одржат в недела, на 27 ноември 2022 година. Попрецизно, тоа значи дека по годинашните парламентарни, претседателски и локални избори, в недела ќе се одржат и (законодавни) референдуми на кои гласачите ќе се изјаснат за три референдумски прашања: 1. Дали сте за стапување во сила на Законот за измените на Законот за радиотелевизија на Словенија усвоени од словенечкиот парламент на седницата на 21 јули 2022 година? 2. Дали сте за стапување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за долгорочна нега, кој беше усвоен од словенечкиот парламент на седницата на 21 јули 2022 година? 3. Дали сте за стапување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Словенија, усвоен од словенечкиот парламент на седницата на 22 јуни 2022 година?
Аналитичарите сметаат дека претстојниот референдум има посебно значење, бидејќи успехот на референдумот би бил значајно поместување во политичкиот развој на Словенија во насока на земја со развиена и стабилна демократија.
Зошто е најзначаен третиот референдум што се однесува на Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Словенија
Од референдумите, посебно внимание предизвикува третиот, кој се однесува на Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Словенија. Според измените, новата влада би ја сочинувале 20 министерства, што е три повеќе од досега, а трансформацијата на ресорите би резултирала со нови министерства за солидарна иднина, за високо образование, наука и иновации и за природни ресурси и простор. Владината служба за развој и европска кохезивна политика и владината служба за дигитална трансформација ќе станат министерства. Канцеларијата за Словенците во странство и светот ќе продолжи да ја води министер без ресор.
Иницијаторите на референдумот се против ваквите измени, бидејќи сметаат дека несовесно се зголемува бројот на министерства, што носи поголеми трошоци и оптоварување на даночните обврзници. Зголемениот број министерства и, според нив, вештачки измислените ресори нема да придонесат за ефикасно, оперативно и одговорно работење на Владата.
Она што фрла дополнително светло на овој предлог е тоа што аналитичарите сметаат дека за првпат во историјата на независната словенечка држава опозицијата го попречила создавањето нови и различни министерства. Досегашната практика беше владината коалиција да се организира онака како што таа смета дека е најсоодветно и нејзината работа да се оценува врз основа на резултатите од нејзината работа. Ова е од клучно значење, бидејќи опозицијата ја блокира или ја спречува новата влада или премиерот да ја формира владата што смета дека ѝ е потребна. Избирачите му го доверија мандатот за формирање влада кога го поддржаа на изборите, а подоцна, врз основа на резултатите, претседателот на државата го предложи како мандат за состав на влада. Сега премиерот е спречен да работи во тим што сам би го составил, бидејќи не може да формира тим или влада во согласност со неговата визија. Како резултат на тоа, на опозицијата ќе ѝ биде тешко пред следните избори да тврди дека власта била неефикасна и неоперативна, доколку со злоупотреба на демократската институција на референдумот го спречила актуелниот премиер (речиси една година) во формирањето, а потоа и во раководењето на Владата – за што, на крајот на краиштата, го доби и избирачкиот мандат.
На тој начин референдумот за кој се подготвуваат Словенците добива уште повеќе значење, бидејќи тие ќе одлучуваат за суштински важни прашања и воопшто не се воздржуваат од тоа ниту, пак, се обидуваат да го минираат референдумот како најдемократски инструмент на одлучување. И за крај, иако не и најмалку важно, засега не е забележано ни најмало странско мешање или какво било влијание врз неприкосновената волја на граѓаните.
Гласачите на референдум одлучуваат за стапување во сила на три закони што словенечкиот парламент веќе ги усвои
Парламентот на Словенија ќе распише референдум за стапување во сила на законот што го усвои, доколку тоа го побараат најмалку 40.000 гласачи. Каква е процедурата?
Имено, иницијативата за поднесување барање за распишување референдум мора да биде поддржана со потписи од најмалку 2.500 гласачи, кои треба да се достават до Собранието во рок од седум дена од донесувањето на законот. Законот се отфрла на референдумот доколку мнозинството избирачи валидно гласале против, под услов најмалку една петтина од вкупното гласачко тело да гласаат против законот. Тоа значи дека не е доволно мнозинството од излезените гласачи на референдум да гласаат против, туку најмалку една петтина од сите гласачи или избирачи со право на глас мора да гласаат против, за да биде отфрлен законот.