Девет региони во Грција се ставени под црвена тревога до 29 октомври поради најавеното влошување на временските услови, обилните врнежи од дожд и силните бури. Одлуката ја донел Генералниот секретаријат за цивилна заштита врз основа на предупредување од Националната метеоролошка служба и проценката на Комитетот за проценка на ризик, објави ЕРТ.
Предупредувањето ги опфаќа регионите Евија, Фтиотида и Беотија во Централна Грција, Спорадите, Магнезија и Лариса во Тесалија, регионот Атика, Додеканските острови во Јужен Егеј и Северен Егеј. За Атика и Северен Егеј, црвената тревога е прогласена како мерка на претпазливост.
Според проценките на надлежните служби, денеска дожд и локални бури се очекуваат во источните и јужните делови на земјата, особено во Евија, Магнезија и Северните Споради.
Дополнително влошување на времето се прогнозира за утре, кога се очекуваат поројни врнежи и бури во источна Тесалија, Северните Споради, источна Централна Грција, особено во Фтиотида и Беотија, како и во Евија и Скирос.
Поради опасноста од невремето, вооружените сили, полицијата, крајбрежната стража и другите надлежни служби се ставени во состојба на готовност. Регионалните власти и општините добиле повик да ја проверат подготвеноста за навремено реагирање во случај на вонредни ситуации.
Статусот „црвена тревога“ подразбира целосна мобилизација на Националниот механизам за цивилна заштита, вклучување на потребните човечки ресурси и обезбедување опрема за справување со вонредни состојби и ограничување на последиците од природни непогоди.
Цивилната заштита упати апел до граѓаните да избегнуваат активности на отворено, особено во крајбрежните подрачја за време на бурите.































