Oд утринава забележливо е зголемено присуството на силите на КФОР во Звечан и Лепосавиќ, јавува српската Н1. Според новинарите Н1, силите на КФОР се опремени да ги разбијат демонстрациите. Во попладневните часови во Звечан дошло до судир меѓу силите на КФОР и насобраните граѓани, биле фрлени шок бомби и солзавец, а биле фрлани и камења и шишиња. Како што пренесуваат медиумите, има повредени од двете страни.
Во петокот избувнаа инциденти на северот на Косово, а шок бомби и солзавец беа фрлени во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток. Се започнало околу 11 часот, кога се огласиле сирените, а покрај зградите на локалните општини се појавиле граѓани. Полицијата интервенираше за да им дозволи на новоизбраните градоначалници да влезат во тие згради.
Косовските знамиња се закачени на зградите на општините Лепосавиќ и Зубин Поток. Во судирите во петокот беа повредени десетина лица.
Мисијата на КФОР предводена од НАТО, која од утринава ја одржува контролата меѓу граѓаните и косовските специјални сили во сите четири општини на северот од Косово со мнозинско српско население, ги повика сите страни да се воздржат од потези кои може да поттикнат тензии и да предизвикаат ескалација, пишува „КоССев“.
„КФОР ги повикува Белград и Приштина да се вклучат во дијалогот предводен од ЕУ за намалување на тензиите како единствен начин за мир и за нормализација“, потенцираат од оваа мисија.