Дури и кога се поздравуваат имаат различен став: Милановиќ (лево) и Пленковиќ - Фото: ЕПА

Кохабитација меѓу премиерот и претседателот во Хрватска

Кохабитацијата може да придонесе за политичка стабилност и контрола само доколку двете страни соработуваат во интерес на доброто на нацијата и на државата, велат соговорниците, додавајќи дека кохабитацијата често може да биде причина и за политички тензии. Каков е случајот во Хрватска?

Ангел Митревски
специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска

Засега продолжува серијата меѓусебни критики меѓу хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ. Така беше и деновиве, кога премиерот Пленковиќ уште еднаш го обвини претседателот Милановиќ дека го попречува назначувањето нови амбасадори и го критикуваше шефот на државата дека не придонел ништо за она што премиерот го смета за успех во надворешната политика на земјата.
Меѓусебните обвинувања од страна на претседателот од една страна и владата од друга траат веќе подолго време. Овој пат конкретен повод е фактот дека некои амбасадорски места веќе подолго време се празни, вклучувајќи и во Франција, Обединетото Кралство и Ватикан.

Хрватска за три и пол години пополнила само едно амбасадорско место

Во понеделникот најпрво Милановиќ изјави дека не е задоволен што Хрватска за три и пол години пополнила само едно амбасадорско место и сугерираше дека оваа ситуација одговара на „Бански двори“.

Од друга страна, премиерот Пленковиќ тврди дека во седиштето на претседателот, на Пантовчак, уште во 2020 година била испратена листа на потенцијални кандидати за која требало да се разговара, но Милановиќ одбил и инсистирал половина од нив да бидат назначени од него, а половина од владата.
– Правилото педесет-педесет не постои… Тоа би значело дека имате два степена на дипломатија, тоа не е нормално – рече Пленковиќ.

Освен формални работи, премиерот вели дека претседателот не соработува со владата ниту во „содржината“ на надворешната политика и дека ги игнорира главните надворешнополитички цели.

Прашањата што ги отвори премиерот Пленковиќ адресирани до шефот на државата

– Дали ги постигнавме стратегиските цели за подлабока интеграција (во еврозоната и шенген-зоната)? Ги постигнавме. Дали претседателот придонесе нешто за тоа? Не се сеќавам. Дали ѝ обезбедивме на Хрватска 25 милијарди евра за развој? Ѝ обезбедивме. Дали претседателот придонесе за тоа? Не се сеќавам. Дали направивме огромни чекори напред во односите со САД? Направивме. Дали тој придонесе нешто за тоа? Не се сеќавам. Во Босна и Херцеговина сакаме да ги зајакнеме Хрватите, а тој го прави тоа на начин што често ги навредува другите народи во Босна и Херцеговина и ни нанесува штета, нарекувајќи го свиња високиот претставник што носи одлуки што му помагаат на хрватскиот народ. Имаме политика на поддршка и солидарност со Украина, тој има година и пол чист руски наратив… – наведе Пленковиќ долга листа на надворешнополитички теми за кои „владата едно кажува, а претседателот друго“.

Премиерот е убеден дека политиката на неговата влада е правилна и дека носи конкретни политички, воени и енергетски резултати.
– Имаме што да покажеме, а каков е неговиот надворешнополитички биланс? Не гледам никаква корист – изјави Пленковиќ.