Бугарскиот претседател Румен Радев го врачи вториот мандат за формирање влада на Николај Денков, номиниран за премиер од „Продолжуваме со промената“, јави дописникот на МИА од Софија.
Радев рече дека Денков овој мандат го добива на првиот работен ден од новата година, кога традиционално си посакуваме здравје, мир и бериќет и кога на него се гледа со надеж и очекување за повеќе разум, дијалог и разбирање. Тој изрази надеж дека Денков и партијата што ја претставува „Продолжуваме со промената“ ќе ја побараат потребната собраниска поддршка.
Денков рече дека во име на „Продолжуваме со промената“ го прифаќа вториот мандат со јасна свест дека задачата е исклучително тешка и рече дека се убедени дека мора да се направи се што е потребно за да се формира влада.
Денков го информирал претседателот на Бугарија дека одржале консултации со три парламентарни партии – Демократска Бугарија, БСП и Бугарски подем.
„Продолжуваме со промената“, ќе поднесе декларација со националните приоритети до 48. Народно собрание и при гласањето ќе се види дали има мнозинство за поддршка на нивната влада, објасни кандидатот за премиер Николај Денков.
Се очекува гласањето за декларацијата да се одржи на 5 јануари во Народното собрание на Бугарија, но рокот за враќање на вториот мандат според бугарскиот устав истекува на 12 јануари.
Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, коментира дека вториот мандат нема да биде успешен бидејќи „Продолжуваме со промената“ западнале во изолација со нивните „брутални и непромислени“ предлози. Сепак, тој е оптимист за спроведувањето на третиот мандат – особено ако Радев одлучи да и го предаде на „Демократска Бугарија“. Според Борисов, Бугарија може да има програмска влада слична на онаа што ГЕРБ неуспешно ја имаше со Николај Габровски.
Според Добромир Живков од социолошката агенција „Маркет линкови“ 48. Народно собрание нема реални шанси за формирање политичка влада и мора да се бара компромисна формула. Дури и да има редовна влада во Бугарија, таа би работела со многу ограничен период на дејствување. Според Живков, третиот мандат ќе го добие или „Бугарски подем“ на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев или „Демократска Бугарија“ на Христо Иванов. Живков за БНР ја коментираше хипотезата дека доколку и се додели третиот мандат на „Демократска Бугарија“ можна е поддршка од ГЕРБ.
Сепак, според него, не може да се исклучи тројна коалиција меѓу Движењето за права и слободи (ДПС), ГЕРБ и БСП, но граѓанското општество во Бугарија остро би реагирало на конфигурацијата ГЕРБ – ДПС и би дало прекраток кредит на доверба.
Според Живков, вистинската промена ќе се случи по локалните избори оваа есен, кога ќе се изберат градоначалници во Софија и Пловдив кои не се од ГЕРБ, туку од една од партиите „Демократска Бугарија“ и „Продолжуваме со промената“. со што ќе се прекрши моделот на ГЕРБ.
Дописникот на МИА информира дека до крајот на јануари ќе биде јасно дали Бугарија ќе има работна влада и дали на крајот на март ќе почнат подготовки за предвремени парламентарни избори.