Она што е исклучително симптоматично во одлуката на Европскиот совет, во која им се доделува статус на земја-кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) ​​на Украина и на Молдавија, е ставот дека „политиката на проширување е геополитичка алатка што ЕУ може да ја искористи за да се спротивстави на дестабилизирачкото влијание на третите актери во нејзиното соседство“! Со тоа сите досегашни бенчмаркови, критериуми, принципи и силни декларации се рушат како европска кула од карти!

Интересен став во одлуката на Европскиот совет

Во одлуката на Европскиот совет, во која им се доделува статус на земја-кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) ​​на Украина и на Молдавија се споменува „поширока Европа“, но не се објаснува каква форма би имала оваа заедница. Исто така, за издвојување е дека Европскиот совет во споменатата одлука ја призна „европската перспектива на Грузија“, очекувајќи ја кандидатурата за земјата откако ќе исполни одредени услови.
Но она што е исклучително симптоматично во одлуката на Европскиот совет е ставот дека „политиката на проширување е геополитичка алатка што ЕУ може да ја искористи за да се спротивстави на дестабилизирачкото влијание на третите актери во нејзиното соседство“!

Ризичен пристап на ЕУ кон проширувањето

Историската одлука за Украина, Молдавија и на Грузија би можела да ја ослаби политиката на проширување и да ја зголеми ранливоста на земјите-кандидатки на надворешниот притисок, се вели во анализата на ЕЦФР.
На пример, кај земјите од Западен Балкан се појави длабока разочараност од ваквата одлука на Европскиот совет. Тие долго време се иритирани од многуте очигледни недостатоци на процесот за проширување. Постои суштинска противречност помеѓу амбициозната реформска агенда што ЕУ ја пропишува за земјите-кандидати и регионалната агенда што ја промовира преку својата политика на проширување. Ова е пример што ги илустрира опасностите од ваквиот пристап на ЕУ кон проширувањето.
Како резултат на тоа, некои лидери од Западен Балкан ја користат можноста за пристапување за да го зајакнат своето влијание дома, додека не успеваат да донесат реформи. Тие ги обвинуваат ЕУ и нејзините членки за недостиг од напредок, но и дека активно Европа придонесува за продлабочување на внатрешните кризи на државите од Западен Балкан, на политички, економски и на безбедносен план. Ова е причината зошто многу граѓани на државите од Западен Балкан сè повеќе го гледаат членството во ЕУ како променлива цел и се разочаруваат од процесот.

Зошто е ризичен кандидатскиот статус на Украина и на Молдавија?

Одлуката за доделување кандидатски статус на Украина и на Молдавија е ризична од најмалку две причини. Прво, постои опасност од претерано ветување и недоволно испорачување што би создало слично разочарување во двете земји како што сега е евидентно на Западен Балкан. Второ, се чини дека ЕУ им дава на Украина и на Молдавија „геополитички попуст“, т.е. ја поддржува нивната кандидатура ​​поради Русија наместо поради нивен пристап кон демократските реформи, владеењето на правото или економското усогласување со Унијата. Овој сигнал би бил особено деструктивен за земјите-кандидати во Западен Балкан и на други места, бидејќи тие би имале помалку стимулации за градење стабилни, транспарентни демократии со конкурентни економии. Сепак, тоа би било погубно и за ЕУ. Доколку правилата и принципите на реформите повеќе не се чини дека се предуслови за пристапување, на Унијата ќе ѝ стане потешко да заземе силен став за овие правила и принципи во нејзините земји-членки. Ова драматично открива дека, всушност, политиката на проширување на ЕУ е поврзана само и само со геополитиката!

Подготвил: Марјан Велевски