Хрватска
Министерот за одбрана на Република Хрватска, Иван Анушиќ, официјално изјави дека во Хрватска пристигнале единаесет од вкупно дванаесетте нарачани повеќенаменски авиони „рафал“ што Хрватска ги купи од Франција за над милијарда евра.
– Хрватското воено воздухопловство е посилно со единаесет повеќенаменски борбени авиони од типот „рафал“! Следниот месец ќе пристигне последниот авион „рафал“, со што хрватското воздухопловство ќе добие комплетна воздушна ескадрила – изјави министерот Анушиќ.
За потсетување, во ноември 2021 година Хрватска потпиша договор со Франција за купување 12 користени борбени авиони „рафал Ф3-Р“, со што започна долгоочекуваната модернизација на хрватските воздухопловни сили. Договорот вреден 999.068.493 евра вклучува десет едноседи и два двоседа, а вкупната вредност со вклучен ДДВ и проценетите трошоци за индексирање на цените достигнува 1,152 милијарда евра. Финансискиот аранжман предвидува исплати во период од шест години од 2021 до 2026 година. До 2023 година веќе се исплатени 773.359.089 евра, додека за 2024 година се планирани околу 225 милиони евра, за 2025 година 65 милиони, а за 2026 година околу 18 милиони евра. Интересно, ДДВ не се наплаќа на самите авиони бидејќи се веќе користени (купени на старо), но се плаќа за ново оружје, за обука на пилоти, за симулатори и за други услуги.
Имено, во јавноста се изнесени информации дека цената на половниот француски авион „рафал“ е околу 45,5 милиони евра, што експертите го сметаат за многу прифатливо за овој тип борбени авиони. За споредба, Индија одвои околу 218 милиони евра по авион „рафал“, меѓутоа за сосема нов. Покрај самите авиони, Хрватска обезбеди и симулатор за летање, земја и опрема за тестирање, резервни делови, пакет оружје од воздух-воздух и воздух-земја, како и сеопфатна обука за пилотите и техничкиот персонал. Првите шест авиони пристигнаа во Хрватска во април 2024 година. Овие модерни повеќенаменски борбени авиони ги заменуваат застарените советски ловци „МиГ-21“ и треба да ѝ служат на Хрватска до почетокот на 2050-тите. Р.С.