Од почетокот на јули до вчера, во Хрватска од ковид-19 починале дури 438 лица. Лани, во истиот период, имало дури шест пати помалку вакви смртни случаи или 74, пишува денеска Јутарњи лист.
Разликата во бројки е голема: ова е првпат од појавата на ковид-19 да има летен бран, кој го предизвика високозаразната варијанта омикрон БА.5.
– Тешко е да се спореди летото оваа година со последните две. Имено, минатата година, по завршувањето на делта бранот, ова беше релативно мирен период, до крајот на туристичката сезона, кога бројките експлодираа во есенскиот бран. Една година претходно влеговме во лето практично од карантин, така што ова е првиот летен бран, – вели имунологот Златко Тробоњача.
Тој објаснува дека во просек во земјата има нешто повеќе од илјада пациенти дневно, но таа бројка би можела да се помножи со пет или десет на дневна основа.
– Сојот е многу заразен, но од друга страна, во повеќето случаи, не е толку опасен. Секако, треба да се има предвид дека вирусот наоѓа слаби точки кај имунокомпромитирани и постари лица, и затоа, со оглед на толку голем број на заразени, за очекување е да имаме поголем број на смртни случаи дневно – вели Тробоњача.
Сепак, без разлика на летниот бран, Хрватска има сериозен проблем со фатални исходи и во таа категорија земјата е на осмото место во светот. На пример, во претходниот бран Австралија имаше 11 пати помалку смртни случаи на милион жители, забележува имунологот.
Вчера, вкупниот број на починати од коронавирусот беше 16.508, додека една година претходно на истиот датум тој број беше 8.283. Со други зборови, дури 8.225 лица починаа за една година, приближно исто толку луѓе кои починале во првата година и половина од епидемијата.
Од официјалните податоци е јасно дека летово болниците имаат повеќе пациенти. Вчера во болниците имало 621 пациент, од кои 25 биле на респиратор. Лани, на истиот ден биле хоспитализирани 198 пациенти, од кои 21 на апарати за дишење, така што во болниците имало три пати помалку пациенти од вчера.
А бројот на активни случаи во Хрватска е значително поголем – лани 1903, а вчера 8340