Европската Унија (ЕУ) бара од Србија и Косово да прекинат со реториката за војна, додека европскиот блок и НАТО се подготвуваат да одржат кризни разговори со спротивставените страни неделава, во обид да избегнат нов конфликт на Балканот, пишуваат светските медиуми.
– Водечките политичари од двете страни ќе бидат одговорни за каква било ексалација што ќе доведе до зголемени тензии и потенцијално до насилство во регионот – кажа гласноговорник на Европската служба за надворешно дејствување, без да ги именува политичките лидери.
Тензиите помеѓу Косово и Србија кои честопати претставуваат закана за стабилноста на Балканот доведоа до насилни протести и гранични инциденти минатиот месец. Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ разменија обвинувања, со што вториот истакна дека немирите се „еден чекор до катастрофа“.
ЕУ изрази загриженост за растечката запалива реторика помеѓу претставниците на Косово и на Србија, пред разговорите во Брисел на кои ќе присуствуваат Курти и Вучиќ. Особено загрижувачки за Унијата е што ваквата тензична состојба на Балканот се случува истовремено додека ЕУ се обидува да се справи со безбедносните предизвици од војната во Украина.
– Oва е буре барут. Ние ја гледаме Украина, но секако, екстремно сме загрижени и за Балканот – кажал претставник на ЕУ во изјава за „Фајненшл тајмс“.
Курти минатата недела во низа интервјуа предупреди за потенцијален напад од Србија. Вучиќ пак, тврдеше дека постојат планови за ликвидација на Срби од северот на Косово.
Курти и Вучиќ в среда засебно ќе се сретнат со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, пред да одржат разговори и со шефот на европската дипломатија Жозеп Борел наредниот ден.