И додека Европската Унија укинува 90 отсто од увозот на нафта од Русија, Бугарија стана третиот најголем купувач на руска сурова нафта, по Кина и Индија. Ова е констатацијата што произлезе од анализата и истражувањето на специјализираниот портал „Оилпрајс“. Прашањето што произлегува е какви комбинаторики прави Брисел со Софија. Дали поради таквите „ЕУ-концесии“, на Софија ѝ е допуштено „за некои работи што нејзе ѝ значат“, Бугарија да извршува постапки што се „над меѓународното право“?!

Бугарија трет по големина купувач
на руска нафта во светот

Продолжената политичка нестабилност во Бугарија е одлична подлога за да бидат „протнати“ контроверзни одлуки за енергетската безбедност на ЕУ, при што Бугарија би била „посакуваниот тројански коњ“ за влез на руската нафта. Токму со „амин“ на Брисел, Софија би го задржала статусот на земјата како „најдобар клиент на Русија во Европа“! Така и ЕУ би имала висок енергетски интерес, а и Бугарија би добила „концесии и попусти“ за некои свои политики што баш и не се совпаѓаат со европските принципи. А покрај сѐ би се обезбедила и со енергент и не би ги затворила докрај комуникациските канали на реакција Москва – Софија. Според аналитичарите, одлична позиција за Бугарија, меѓу Истокот и Западот, од која Софија може многу да ползува, а внатре, во државата, никој да не преземе одговорност, бидејќи политичката ситуација е, во најмала рака, хаотична.
Имено, политички нестабилната Бугарија, моментално трет по големина купувач на руска нафта во светот, ќе оди на уште еден круг општи избори на 2 април, бидејќи парламентот не успеа да формира редовен кабинет по изборите во октомври 2022 година. Ова ќе бидат петти парламентарни избори во изминатите две години. Бугарското народно собрание се распушти на 5 февруари, а на функцијата стапи уште една привремена влада назначена од претседателот, петта во последните две години. Контроверзните енергетски одлуки, вклучувајќи и барање алтернативни резерви на нафта и преземање контрола врз руската нафтена рафинерија на бугарското крајбрежје на Црно Море, најверојатно ќе бидат одложени, можеби за уште една година, доколку не се формира редовна влада оваа пролет.
Додека Европската Унија сега постепено укинува 90 отсто од увозот на нафта од Русија, Бугарија стана третиот најголем купувач на руска сурова нафта, по Кина и Индија, престигнувајќи ја Турција на таа листа во декември 2022 година.

Софија успеа да „излобира“ во Европската комисија изземање од забраната за руската нафта преку море…

Пристаништето Бургас е единственото во Европа каде што руската нафта сè уште може да се истовари, откако Софија успеа да излобира во Европската комисија за изземање од забраната за руската нафта преку море, која стапи во сила на 5 декември 2022 година. Испораката на руска нафта во Бугарија всушност се зголеми за 30 отсто во средината на 2022 година и остана стабилна потоа, овозможувајќи ѝ на рафинеријата да работи со полн капацитет од 196.000 барели дневно.
Нафтата што се транспортира преку Црно Море со танкери од Новоросијск се рафинира во најголемата рафинерија на Балканот, која е во целосна сопственост на „Лукоил“, втората по големина нафтена компанија во Руската Федерација. Москва се обиде да ги зачува своите традиционални пазари и влијание користејќи ги рафинериите на „Лукоил“ и „Роснефт“ во Европа; но по последното ембарго тоа е можно само во Бугарија. Ова, пак, ќе ја направи земјата особено ранлива на пропагандата на Кремљ за време на претстојните избори. А можеби Брисел ќе го толерира и ова, избирајќи го помалото од двете зла.
Севкупно, Бугарија не направи доволно обиди да обезбеди алтернативни резерви на сурова нафта за својата единствена рафинерија, која исто така е главен снабдувач со бензин и моторно масло за поголемиот дел од Балканот. Бидејќи нафтата од Казахстан станува достапна, не само преку конзорциумот на Каспискиот гасовод до пристаништето Новоросијск туку и преку пристаништето Супса во Грузија, Софија не планира да го искористи овој потенцијал.
Дури сега, речиси една година по почетокот на сеопфатната војна на Русија против Украина, привремената бугарска влада потпиша меморандум со Грција за да истражи дали сега веќе непостојниот проект на нафтоводот Бургас-Александрополис може да се оживее и да се користи обратно за испраќање сурова нафта од грчките пристаништа до пристаништето Бургас, заобиколувајќи го турскиот теснец.

Во политички нестабилната Бугарија со силно проруско лоби, статусот на рафинеријата „Нефтохим Бургас“ на руската компанија „Лукоил“ нема да биде лесен за решавање

Руската сопственост на рафинеријата ќе продолжи да биде проблем додека бугарската влада не ја преземе контролата врз објектот, како што направи Германија со рафинеријата „Швед“ во сопственост на „Роснефт“. Бугарските пратеници во јануари оваа година гласаа дека владата може да го преземе работењето на рафинеријата „Нефтохим Бургас“ на руската компанија „Лукоил“ до една година за да обезбеди заштита на критичната инфраструктура и снабдувањето со гориво. Но ова ја остава одлуката во рацете на министерот за економија, а во време на парламентарни избори во политички нестабилна земја со силно проруско лоби, ова може да биде проблематично.
Од пролетта 2021 година, Бугарија одржа четири општи избори што доведоа до фрагментиран парламент што не можеше да назначи премиер, освен еден – Кирил Петков, кој беше на функција само седум месеци. Но владата на Петков падна откако еден од четирипартиските коалициски партнери ја повлече својата поддршка во средината на 2022 година, во услови на криза со снабдувањето со природен гас. Бидејќи Петков одби да го плати рускиот гас во рубли, Москва ја прекина испораката на гас за Бугарија, заедно со Полска.
Иако владата брзо обезбеди алтернативни испораки на гас од Азербејџан и Соединетите Американски Држави, моќните бугарски бизниси поврзани со „Газпром“ тргнаа да ја соборат владата, тврдат бугарските медиуми. Но не само тоа, тие додаваат дека истовремените јавни откритија дека Софија тајно им продавала оружје и муниција на трети страни за испорака во Украина, додадена на политичката кампања што ја започнаа руските лојалисти, на крајот ја урнаа владата.
На 5 февруари стапи во сила уште едно ембарго на ЕУ – на нафтени деривати произведени од руска нафта. Според условите на изземањето на Европската комисија, Бугарија нема да може да извезува нафтени деривати, освен во Украина. Претходно, со бензин, дизел и моторно масло го снабдуваа цел Балкан, со што „Лукоил“ стана главен регионален играч.
На 1 февруари привремената бугарска влада објави дека извозот на нафтени деривати направени од руска нафта во Украина ќе продолжи и по 5 февруари. „Лукоил“ негираше дека горивото произведено од руската нафта било испратено во Украина во 2022 година, тврдејќи дека се занимава со над 500 различни посредници, а не директно со Украина. Но истрагата на бугарските медиуми покажа дека, според Националниот статистички институт, Украина купила 1.000 пати повеќе гориво од Бугарија во 2022 година отколку во 2021 година. Всушност, обемот на бугарските нафтени деривати извезени во Украина е исто толку голем како 1 процент од бугарската економија.
Се чини дека указот на рускиот претседател Владимир Путин, почнувајќи од 1 февруари, за запирање на испораките на нафта за земјите што го поддржуваат ограничувањето на цената, не влијаеше на рафинеријата „Нефтохим“ на „Лукоил“. Како членка на ЕУ, Бугарија го поддржува ценовното ограничување усвоено од економската група Г7, ЕУ и Австралија, во моментов на 60 долари за барел. Но понатамошниот публицитет за руската нафта што се користи за снабдување на украинската армија со дизел-гориво може да го промени мислењето на Путин. Софија очигледно игра „на два стола“, бидејќи има малку време да најде алтернативни резерви на нафта за својата економија.

Подготвил: Mарјан Велевски