За десет години Босна и Херцеговина ја напуштиле 600.000 жители
Во последните десет години дури 600.000 жители ја напуштиле Босна и Херцеговина, изјави претседателката на Унијата за одржливо враќање и бегалци во Босна и Херцеговина (УЗОПИ), Мирхуниса Зукиќ, по повод Светскиот ден на бегалците.
Таа додаде дека има повеќе од 43.000 баратели во Министерството за бегалци и раселени лица на Босна и Херцеговина што бараат реконструкција на нивните станбени единици и посочи дека тоа се податоци што укажуваат на големината на проблемот со бегалците и раселените лица.
И додека се чека реконструкција на станбените единици, како што наведе, во тек е иселувањето од Босна и Херцеговина дури и на оние што се вратија во местата на предвоениот живот, чии деца заминуваат во потрага по подобра и побезбедна егзистенција.
Според податоците на УЗОПИ, до крајот на 2021 година биле иселени 484.996 лица.
Минатата година уште 15.000 луѓе се иселиле од кантоните Посавина и Западна Херцеговина, а уште 8.000 луѓе се иселиле од Добој, Дервента, Теслиќ, Босанска Градишка, Приједор и Прњавор.
Според добиените податоци, УЗОПИ проценува дека од 2013 година Босна и Херцеговина ја напуштиле 600.000 жители.