Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и да придонесуваат за побезбеден сообраќај Фото: Игор Бансколиев

„Загадувањето со бучава“, според сите истражувања, негативно влијае врз квалитетот на урбаниот живот. Сообраќајната бучава го опфаќа секој звук што влијае врз психичката и физичката состојба, така што ја попречува и намалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го оневозможува одморот и им штети на здравјето и на расположението

Брзи и бесни моторџии произведуваат децибели што ги загрозуваат скопјани

Со затоплувањето на времето, автоматски моторџиите, односно љубителите на брзи, бесни и гласни мотори ги „изгореа“ улиците. На сите страни веќе се слушаат силни мотори, чии децибели ги параат ушите на скопјани. И тоа не е проблем само прекуден, напротив, проблемот станува опасен во вечерните часови, кога целата градска бучава е стивната и одеднаш, како гром од ведро небо, се слуша силното и долготрајно „грмење“ на бесните машини.

МОТОЦИКЛИСТИ НАДВОР ОД ЕТИКАТА НА МОТОЦИКЛИЗМОТ И „НАДВОР ОД ЗАКОНИТЕ“

Проблемот со бучните мотори не е нов во Скопје. Жителите речиси од сите населби се жалат за прекумерната бучава што ја прават, за трките што се случуваат во вечерните часови по булеварите и не ги оставаат граѓаните да одморат.
Независно дали е Чаир, Бутел, Аеродром, Карпош, сите жители едногласно велат дека летниот период е неподнослив поради некои моторџии што бесчувствително ги возат по улиците.
Додека едни се исплашени за безбедноста во сообраќајот, други велат дека немаат мир од силната бучава на моторите, затоа што булеварот на кој живеат ноќе станува пофреквентна сообраќајница отколку што е прекуден.
Моторџиите, освен што ги нарушуваат јавниот ред и мир, ги нарушуваат и сообраќајните прописи и не возат со дозволената брзина, која, секако, е ограничена во урбаните средини. Од МВР веќе почнаа да информираат за санкционирани мотоциклисти, а на пет возачи им биле одземени мотоциклите.
– На 18.6.2023, во периодот од 12 до 18 часот, Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР-Скопје, во содејство со Одделението за претходница и сообраќајно ескортно обезбедување при Министерството за внатрешни работи, спроведе засилена акциска контрола за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикли. Притоа се санкционирани 76 возачи, и тоа 23 за возење без шлем, 14 за возење без возачка потврда, седум нерегистрирани возила… Привремено се одземени пет мотоцикли поради истек на важноста на сообраќајната дозвола повеќе од шест месеци – информираат од МВР.
Како што информираат оттаму, акциските контроли продолжуваат и во наредните денови.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и сите да придонесеме за побезбеден сообраќај – истакнуваат оттаму.

БУЧАВАТА ГО НАРУШУВА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТОТ

Дека бучавата е штетна по здравјето на луѓето потврдуваат многубројни истражувања направени на оваа тема.
Бучавата претставува мешавина на разни звуци со различен број „звучни треперења во одредено време“. Имено, „загадувањето со бучава“ негативно влијае врз квалитетот на урбаниот живот. Сообраќајната бучава го опфаќа секој звук што влијае врз психичката и физичката состојба, така што ја попречува и намалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го оневозможува одморот и им штети на здравјето и на расположението. Изложеноста на повисоки нивоа на бучава доведува до предвремена смртност, кардиоваскуларни болести, когнитивни нарушувања, нарушувања на спиењето, хипертензија и на крајот вознемиреност и сериозни психички нарушувања.
Граѓаните со кои разговаравме велат дека сега, кога во поголемиот дел од денот седат со отворени прозорци, бучавата од моторите значително им го нарушува квалитетот на животот.
– Периодот за ручек е време за одмор. Само што сум ги заспала децата, ете, се нашол некој што вози моќен мотор и неконтролирано дава гас, а тоа се невидено силни звуци. Јас живеам во Бутел 2, веднаш до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, и тоа навистина е тортура. Децата се будат, плачат, исплашени се, па и кога сме надвор, кога ќе видат мотор, веднаш ги затвораат ушите, бидејќи се плашат од звукот – вели Милица Бошковска.
Според едно истражување направено од Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија по загадувањето на воздухот. Процената е дека 100 милиони Европејци се погодени од штетните нивоа на бучава од патниот сообраќај, односно дека се изложени над европскиот праг од 55 децибели во текот на денот и 50 децибели во текот на ноќта. Од овие 100 милиони, 32 милиони се изложени на многу високи нивоа на бучава од над 65 децибели. Како резултат на ваквата изложеност на бучава, секоја година во Европа има најмалку 10.000 случаи на предвремена смртност.

[email protected]