фото: ЕПА

Илјадници луѓе присутвуваа на свечениот пречек пред Палатата Србија со што започна официјалниот дел од посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белград, јави дописникот на МИА од Белград.

Според планот на посетата, треба да се одржи пленарен состанок на делегациите на Србија и Кина предводени од двајцата претседатели, по што ќе следи церемонијата на потпишување на Заедничката изјава и размена на потпишаните билатерални документи.

Кинеската делегација брои околу 400 членови, а за време на посетата се планира да бидат потпишани повеќе од 30 договори од различни области.

Претседателот Си Џингпинг синоќа по пристигнувањето во Белград изјави дека челичното пријателство на Србија и Кина пуштило длабоко корени во срцата на двата народа и дека е убеден дека оваа посета ќе биде плодна и ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји.

– Кина и Србија си пружија цврста поддршка за прашања кои се однесуваат на нашите суштински интереси и големи грижи. Ние заеднички ја поддржавме меѓународната правичност и правда и придонесовме со нашиот удел во промовирањето на мирот и развојот во светот – соопшти Си во изјавата објавена од Амбасадата на Кина во Србија.

Тој потсети дека двете земји договорија сеопфатно меѓусебно ослободување од визите, отворија директни летови и потпишаа договор за слободна трговија, а дека размената меѓу луѓето станува сѐ поголема.

– Застанувајќи на нова историска почетна точка, Кина ќе работи со Србија за да остане посветена на првобитната аспирација и заедно да напредува во отворањето на нов поглед во соработката меѓу Кина и Србија со посилен замаец, поголем опсег и повисок квалитет – порача кинескиот претседател.

Тој претходно истакна дека без оглед на промените во меѓународната ситуација, Кина и Србија остануваат вистински пријатели и добри партнери и дека челичното пријателство на двете земји континуирано се зајакнува, со што е пример за соработка меѓу државите и народите.