Во клиничко-болничкиот центар во Косовска Митровица се примени 53 лица повредени при денешната акција на растурање на протестот на Србите во Звечан. Едно лице е оперирано, се наоѓа на одделението за интензивна нега и лекарите се борат за неговиот живот, изјави за Танјуг Златан Елек, директор на КБЦ во Косовска Митровица.
Како што наведе, оперираниот се здобил со две рани во пределот на карлицата и левиот показалец, а повредите се предизвикани од употреба на боева муниција.
Меѓу повредените е и заменик директорот на КБЦ, д-р Драгиша Миловиќ, кој беше претепан во Звечан и има повреди на градниот кош, рацете и нозете и стомакот, рече Елек.
Државниот секретар во српското министерство за одбрана, Немања Старовиќ, за РТС изјави дека за време на судирот во Звечан двајца Срби се ранети со огнено оружје, од кои еден е во многу тешка состојба.
Претходно, репортерот на српскиот јавен радидифузен сервис јави дека повредени има од двете страни инволвирани во судирите – и меѓу припадниците на КФОР и меѓу демонстрантите. Попладнево во Звечан повремено се слушале детонации и истрели од огнето оружје, јави РТС.
Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, соопшти дека денеска на Косово биле повредени 11 италијански војници од КФОР, од кои тројца потешко, но не се во животна опасност.
Ситуацијата сега донекаде е смирена, но во Звечан сè уште има насобрани граѓани. Влезот во зградата на Општина Звечан сега го обезбедуваат војници од полискиот контингент на КФОР.