Зголемени тензиите на релацијата Белград – Загреб

Се зголемија дипломатските тензии меѓу Србија и Хрватска, откако Хрватска одби да дозволи приватна посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на местото на концентрациониот логор од Втората светска војна, каде што десетици илјади Срби беа убиени од пронацистичките власти во Хрватска.
Како што е веќе познато, хрватските власти соопштија дека дознале за планираната посета на српскиот претседател Вучиќ преку „неофицијални канали“ и ја опишаа како „неприфатлива“. Ова предизвика бес во соседна Србија, каде што официјалните лица се заканија со одмазднички мерки.
Расправијата ги отсликува тековните тензии меѓу Србија и Хрватска по нивната војна во поранешна Југославија во 1990-тите.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, свика посебна конференција за да ја соопшти, како што вели, целосната вистина за настаните околу забраната за неговата посета на Јасеновац, наведувајќи дека е создаден циркус. „Замислете нашиот грев се сведува на фактот дека сакав да влезам во земја на ЕУ и да положам цвеќе“, додаде тој.
Од многуте реакции, за одбележување е онаа на поранешниот претседател на Хрватска, Иво Јосиповиќ, кој оцени дека Вучиќ со редовна процедура едноставно и лесно ќе дошол во Јасеновац и Пакрац и додаде дека не му е јасно што можел да направи со најавата за посетата хрватскиот пратеник Милорад Пуповац, кого Вучиќ неформално го информирал за таа посета.
– Каква врска има Пуповац? Ниту е српски амбасадор ниту е надлежен да се занимава со протоколарните прашања на претседателот на друга држава поради неговиот статус на претставник во хрватскиот Сабор – изјави Јосиповиќ.
Тој додал дека воопшто не станува збор за спречување на Вучиќ да замине во Јасеновац, туку дека неговото заминување мора да се организира „како што му одговара на претседателот на државата, со сите безбедносни и други аранжмани договорени од надлежните служби на двете земји“ и оцени дека Загреб тешко можел да реагира поинаку, но дека постои опција тоа да се „направи малку подискретно“.
Поранешниот претседател на Хрватска оцени и дека во двете земји е во сила „историскиот ревизионизам“ што ги расипува односите и посочи дека тој и поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, своевремено „направиле значајни чекори кон помирување и прифаќање на историски факти во духот на помирувањето“.
– Но зајакнувањето на национализмот, историскиот ревизионизам, усташофилијата, рехабилитацијата на четниците, употребата на омразата како политичко гориво, го свртеа тркалото на историјата назад во времето на најлошите повоени односи – нагласи Јосиповиќ.

Подготвил: Марјан Велевски