Цариниците на граничниот премин помеѓу Бугарија и Турција, „Капетан Андреево“ при контрола на комбе открија и конфискуваа 35 пиштоли и четири празни рамки за муниција, соопшти бугарската Царинска агенција.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на граничниот премин „Капетан Андреево“ пристигнал минибус со странска регистрација, управуван од 47-годишниот возач, кој сам патувал од Турција за Германија.
Шверцуваното огнено оружје е запленето, а против возачот е поднесена кривична пријава. Додека на бугарско-романската граница во камион царинарниците откриле 557.000 непријавени евра. Парите биле скриени во камионот што превезувал прехранбени артикли од Холандија во Бугарија.