Бугарија
Фондацијата на Манол Пејков собра 70 илјади лева за помош на настраданите во Кочани. Наедно, во известување за медиумите, од фондацијата велат дека тие продолжуваат да примаат донации!
„За помалку од 48 часа собравме околу 54 илјади лева (околу 35.000 евра). Тоа е инспиративно! Сепак, ситуацијата е многу тешка. Нашата прва насока беше поврзана со повредените што беа хоспитализирани во Бугарија, но и со членовите на нивните семејства, кои треба да бидат покрај креветите на нивните деца. Излегува дека бугарската држава ќе ги покрие нивните трошоци во првите седум до десет дена. Проблемите ќе дојдат потоа. Најверојатно ќе има потреба од пластична хирургија и секакви интервенции. Но ние паралелно планираме да одиме во Кочани да видиме какви потреби има на терен“, изјавија за јавноста од фондацијата на Манол Пејков.
Еден ден подоцна Пејков преку социјалните мрежи дополни дека во меѓувреме пристигнале нови донации и до моментот на објавување биле собрани околу 35.000 евра. Р.С.
Кој е Маноил Пејков
Манол Пејков е пратеник од пратеничката група на Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија во 49. Народно собрание од Пловдив. Член на Комисијата за култура и медиуми и на Комисијата за политики за Бугарите во странство.
Издавач, косопственик на издавачката куќа „Жанет 45“, преведувач, творец на студиото за снимање „Пекарната“ и член на Националниот совет на „Да, Бугарија!“. Во 45. и 46. парламент бил пратеник, избран од листата на Демократска Бугарија во Пловдив.
Познат е по својата хуманитарна работа, особено од почетокот на војната во Украина, како и по разорниот земјотрес во Турција и во Сирија, кога успеа да обезбеди значителна помош.
Според неговата објава на Фејсбук, тој за овој краток период преку фондацијата веќе има собрано нешто над 70.000 лева (околу 35.000 евра), за што бил лично контактиран и од Агнеса Руси Поповска, амбасадорка на Македонија во Бугарија.
Истовремено, Пејков информира дека веднаш по разговорот со амбасадорката бил контактиран од стар познаник, кој се јавил од името на тим од 32 лекари што нудат психолошка помош. „Нудиме три бесплатни сесии за секоја жртва и за нивните родители“ гласела пораката.
„Така е, пријатели мои. Како што велеше мудрецот Давид Албахари, постојат две можности: или сè на овој свет е поврзано или ништо не е. И секој од нас мора сам да избере на која од двете да верува“, заклучува Пејков.
На крајот, повторувајќи ја жиро-сметката на фондацијата „Манол Пејков и пријатели“, Пејков најавува дека наскоро ќе замине за Кочани. Р.С.