Фото: Фејсбук/Румен Радев

Проектот за интерконектор е на агендата на ЕУ веќе 10 години. Започна во 2009 година, кога Бугарија беше многу силно погодена од одлуката на Газпром да го прекине протокот на гас низ Украина. Беше потребно долго време за да се постигне целта. Ова го изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на свеченото отворање на бугарско-грчката гасна врска, преку која Бугарија ќе добива азербејџански гас, јави БГНЕС.

– Навистина е потребна голема желба, страст и волја за еден ваков проект, а денес би сакалa да ви се заблагодарам вам, тимот за интерконектор, и да им се заблагодарам на бугарската и грчката влада што помогнаа да се оствари ова. Потребно е трпение и очигледно е дека го имате. ЕУ го поддржа овој проект од самиот почеток и фактички и финансиски – со близу 250 милиони евра – рече Фон дер Лејен.

Таа истакна дека овој гасовод ја менува ситуацијата и за Бугарија и за енергетската безбедност во Европа. Во поздравните говори беше заклучено дека овој проект значи ослободување од зависноста од рускиот гас.

Претседателот Румен Радев е домаќин на официјалната церемонија на пуштање во функција на интерконекторот во Софија. Покрај претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, присутни се и претседателите на Азербејџан Илхам Алиев, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Македонија Стево Пендаровски, премиерот на Грција Киријакос Мицотакис и премиерот на Романија Николае Чука.

– Сигурен сум дека денешниот настан не е само церемонија на отворање на интерконектор. Ова е корисна дискусија која не подготвува за иднината. Се сеќавам на нашите разговори со Мицотакис и за клучната соработка меѓу Бугарија и Грција, која ќе му даде стабилност на регионот. Ова веќе има свој израз, ние го нарекуваме интерконектор – рече Радев.

На овој начин ја демонстрираме нашата доверба и нашиот заеднички одговор на нарушените синџири на снабдување и зголемените цени поради војната во Украина. Тоа сериозно и брзо го смени нашиот начин на размислување, затоа многу ја цениме поддршката на нашите соседи кои ни овозможија пристап до нивните национални гасни системи, поддршката на Грција која ни овозможи пристап до Ревитуза, додаде Радев.

Грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис изрази уверување дека гасоводот што ќе носи природен гас од Азербејџан во Бугарија, во комбинација со другите инфраструктурни проекти кои се спроведуваат во моментов ќе придонесе во создавањето кредибилна мрежа за снабдување со природен гас.

Гасната врска меѓу Бугарија и Грција е долга 182 километри, а може да транспортира 3 милијарди кубни метри природен гас годишно, со можност за зголемување на капацитетот на пет милијарди кубни метри во следните години.