Само неколку дена откако Бугарија го обнови својот предлог за заштита на воздушниот простор над Македонија, иако од 2019 година досега оваа улога за патролирање и контрола на нашиот воздушен простор ја спроведува Грција, Софија доби соодветна понуда. Колку за потсетување, минатата недела министерката за надворешни работи на источниот сосед, Теодора Генчовска, го повтори долгогодишниот став на Софија дека Бугарија е подготвена да ја врши операцијата „Ер полисинг“ над Македонија, во рамките на НАТО. Веста доаѓа во време на тензии поради трупањето НАТО и руски војници во близината на границата со Украина и во период кога Алијансата на бугарска територија испраќа модерни борбени авиони да ѝ помогнат на Софија поуспешно да го контролира своето небо, поради застареност на бугарските борбени авиони.
За таа цел, британскиот премиер Борис Џонсон предлага зајакнување на источното крило на НАТО, за што планира испраќање борбени авиони „тајфун“ за патролирање на воздушниот простор на Бугарија и на Романија и воен брод во Црно Море. Тие ќе дејствуваат од Кипар, каде што Велика Британија има две воздушни бази. Дел од пакетот со кој Лондон се приклучува на демонстрациите на солидарност на Алијансата во растечките тензии околу руската армија околу Украина ќе вклучи и двојно зголемување на британската војска во балтичките републики, како и распоредување на еден од најмодерните бродови во светот за противвоздушна и противракетна одбрана.