Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска оцени дека безбедноста на Косово е клучна за стабилноста во целиот регион на Западен Балкан.
Тој ова го рече во двеминутниот говор објавен на социјалната мрежа Х по повод крајот на годината, во кој им се заблагодари на сите сојузници за нивната поддршка, како и на војниците, вклучително и КФОР во Косово, за неговата „служба во одбрана на мирот“.
– Помош за одржување на мирна и безбедна средина за сите во Косово е клучот за стабилноста на поширокиот регион на Западен Балкан – рече тој.
Столтенберг потенцираше дека „живееме во опасен свет“, во кој има војна во Европа, нова војна на Блискиот исток, додека растат тензиите и на Западен Балкан.
– Бруталниот тероризам опстојува, а климатските промени предизвикуваат конфликти. И затоа нема безбедност без силна одбрана, ниту силна одбрана без способни вооружени сили. И затоа презедовме толку многу важни чекори оваа година за зајакнување на одбраната на НАТО – со уште повеќе војници и зголемени трошоци за одбрана. И тоа не е да се предизвика војна, туку да се спречи конфликт и да се зачува мирот – потенцира Столтенберг.