Владата во Србија реши да ги повлече сите лиценци на рударскиот гигант Рио Тинто, кој требаше да отвори рудник за литиум во градот Лозница. Отворањето рудник предизвика масовни протести во земјата, предводени од еколошки здруженија.
Ги исполнивме сите барања на екопротестите и му ставивме крај на Рио Тинто во Република Србија – изјави премиерката Ана Брнабиќ на прес-конференција.
Неколку недели илјадници демонстранти во Белград, но и во повеќе други српски градови, ги блокираа патиштата во протест поради планираниот рудник, кој, според нив, ќе предизвикаше огромна еколошка штета. Литиумот го има во големи количества на српската граница со Босна и Херцеговина и овој метал се смета дека ќе биде еден од најбараните во иднина, кога светот ќе се пренасочува кон обновливи извори на енергија.
Акциите на Рио Тинто паднаа по одлуката на Владата на Србија да ги одземе дозволите и одлуките поврзани со истражување и отворање рудници за литиум во Србија поради загриженоста на граѓаните за животната средина.
Акциите се заклучија за 4,1 отсто, иако во одреден момент за време на тргувањето на австралиската берза паднаа за дури 5,1 отсто. Ова е најлошиот дневен пад на акциите на оваа компанија од август 2021 година.
Според агенцијата Ројтерс, одлуката на Србија доаѓа во време кога се наближуваат општите избори во април и во време на влошување на односите меѓу Белград и Канбера по депортацијата на тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ од Австралија поради прописите поврзани со коронавирусот. Според агенцијата, оваа одлука е голема пречка за англо-австралиската компанија, која се надеваше дека проектот ќе ѝ помогне да стане еден од 10-те најголеми светски производители и најголемиот европски снабдувач на литиум, клучен метал за производство на батерии за електрични возила.