Ќе се формира интегрална територијално-административна единица: 30 километри во Албанија и 30 километри во Косово

Министерот за надворешни работи на Србија, Никола Селаковиќ, изјави дека од Брисел не може да се види ништо ефективно и посочи дека освен што ги премолчува плановите за формирање голема Албанија, молчи и за неисполнување на обврските на Приштина што произлегуваат од дијалогот.
„Можете да ги видите целото лицемерство и дволичноста кога се во прашање предизвиците со кои се соочува целиот Западен Балкан. Како што молчат на сите соопштенија за голема Албанија, така молчат и за вакви процеси, а како што можете да видите, Албанците и од двете страни на границата напорно работат на вакво зближување“, рече Селаковиќ.
Во врска со сѐ почестите обвинувања на официјален Белград дека „Србија работи на обединување со Република Српска“, Селаковиќ посочи дека Србија не го прави тоа и дека го почитува територијалниот интегритет на БиХ со РС, во согласност со Дејтонскиот договор.
„Ние недвосмислено го поддржуваме и го сакаме нашиот народ во Српска, но имаме јасни позиции кога станува збор за оние принципи на односите во меѓународната заедница и меѓународното право, кои го задржуваат нашиот став за прашањето за Косово и Метохија“, рече тој.
Ваквите реакции на министерот Селаковиќ дојдоа по објавата на косовските медиуми дека откако парламентите на Албанија и на Косово ќе го ратификуваат Договорот за правилата на режимот на локалниот граничен сообраќај, ќе се формира територијално-административна единица, 30 километри во Албанија и 30 километри во Косово.
Населените места на граничната област се дефинирани со протоколот за спроведување на тој договор, кој го потпишаа владите на Косово и на Албанија, на 26 ноември минатата година. Со цел да се олесни локалниот сообраќај, ќе бидат отворени осум нови премини, пишува приштинскиот весник.

Во извештајот на албанската влада до тамошниот парламент се наведува дека договорот е започнат за да се олесни локалниот граничен сообраќај во рамките на заедничките обврски на двете влади, со цел да се поедностават процедурите и мерките поврзани со режимот на локалниот граничен сообраќај и дозволите за оваа намена по должината на граница. Овој договор има цел да го олесни движењето на жителите од пограничната област, кои имаат право да престојуваат во граничниот појас на другата страна, под услов времетраењето на нивниот престој да не биде подолго од 90 дена во рок од 180 дена.
На жителите на граничната област ќе им биде дозволено да ја преминат копнената граница според режимот на локалниот граничен сообраќај, под услов да имаат валиден документ за идентификација; да имаат дозвола за локален граничен сообраќај; да не се предмет на мерки со кои се забранува влез на територијата на страните потписнички или кои не претставуваат закана за јавниот ред, внатрешната безбедност, јавното здравје или меѓународните односи.
По ратификацијата на договорот во парламентите на Албанија и на Косово, ќе се создаде територијално-административна единица, 30 километри во Албанија и 30 километри во Косово, каде што граѓаните од двете страни ќе ги користат истите услуги во Косово и во Албанија.
„Има околу 300.000 жители што директно ќе имаат корист од овој објект. Тоа значи дека тие можат слободно да посетуваат училиште од основно до средно образование, во зависност од локацијата на образовните институции од двете страни на границата. Тие можат да одат на работа од двете страни на границата без потреба од никаков документ, за каква било дозвола, па со целосно слободен промет“, изјави албанскиот министер за внатрешни работи Бледи Чучи.


Заедничка мисија на Ескобар и на Лајчак

Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот Белград – Приштина и други регионални прашања за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, заедно со американскиот специјален претставник за Западен Балкан и заменик на помошник-државниот секретар на САД, Габриел Ескобар, од вчера до утре е во Косово со цел да се постигне понатамошен напредок во дијалогот. За време на нивната тридневна посета на Косово, тие ќе се сретнат со косовското политичко раководство, лидерите на политичките партии и претставници на меѓународната заедница. Во најновиот заеднички обид на САД и на ЕУ да го заживеат процесот на преговори, Ескобар и Лајчак по престојот во Косово до среда ќе ја продолжат посредничката мисија со дводневна посета на Белград.
Главна цел на посетата на американскиот и на европскиот дипломат е „подготвување на теренот за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград“, кој веќе неколку месеци е речиси целосно замрзнат. Главни прашања што се очекува да се отворат на средбите со државните раководители во Косово и во Србија се формирањето на Заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово и модалитетите на меѓусебно признавање на двете држави.