Фото: Фрипик

Објавена најновата листа на најмоќни патни исправи според тоа во колку земји може да се влезе без виза

На најновата листа на најмоќни пасоши на светот на прво место е пасошот на Обединетите Арапски Емирати, а на последно место е Сирија. Традиционалното рангирање на патните исправи го подготви интернет-страницата „Паспорт индекс“, а главен критериум беше бројот на земји во кои може да се влезе без виза со пасош. Листата вклучува 98 земји.
Најдобро рангирана земја од регионот е Словенија, која е на седмото место. Со нејзиниот пасош може да се влезе без виза во 173 земји. Потоа следува Хрватска на 10-то место (172 земји). Во една земја помалку без виза можат да влезат оние што имаат бугарски или романски пасош. Со пасошот на Србија може да се патува во 137 земји. Пасошот на Македонија е на 36-то место, Црна Гора на 37-то, како и турскиот пасош со кој може да се патува во 129 земји.
Пасошот на Албанија е на 43-то место, а на БиХ е на 44-то место и оние што го поседуваат можат да патуваат без виза во 121 земја. Со косовски пасош без виза може да се патува во 14 земји, а 141 земја бара виза за да се влезе кај нив, а 41 земја бара виза по влегувањето.
Инаку, на светската листа, имателите на пасоши од ОАЕ можат да патуваат во 180 земји без виза, второто место го делат пет земји – Германија, Шпанија, Франција, Италија и Холандија, чии граѓани можат да патуваат во 178 земји без виза.
Третото место го делат и пет земји – Шведска, Финска, Луксембург, Австрија и Швајцарија, со чиј пасош може да се патува во 177 земји. Шест земји се на четвртото место – Данска, Белгија, Португалија, Полска, Ирска и Јужна Кореја, а оние што ги поседуваат овие пасоши можат да патуваат во 176 земји без визи.
На петтото место се осум земји – Сингапур, Грција, Норвешка, Чешка, Велика Британија, Унгарија, Јапонија и Нов Зеланд, чии граѓани можат да патуваат во 175 земји без визи. САД го делат шестото место со Словачка и Австралија, а со тој пасош можете да влезете во 174 земји.
На дното на листата, покрај Сирија, се Авганистан, Ирак, Сомалија и Пакистан.