Фото: Принтскрин

Кандидатот за премиер на Бугарија од „Продолжуваме со промената“ (ПП), Асен Василев, му го вратил на претседателот Румен Радев неисполнет мандатот за формирање влада, пренесе „Бгнес“.
На средбата попладнево присуствувале и Кирил Петков, Андреј Ѓуров и Никола Минчев.

Василев изјавил дека ПП не собрала доволно собраниска поддршка.

Од своја страна, претседателот Радев изјавил дека пред една година граѓаните поверувале оти со Бугарија може да се управува на поинаков начин.

-Повлечениот кредит на доверба кон кабинетот не може и не треба да ги исцрпи јавните напори за изградба на влада која е транспарентна и одговорна пред граѓаните. Верувам дека мисијата да се промени нашата држава е историска и колку и да е тешка, Бугарите ќе ја остварат. Длабоко верувам дека институциите може да постигнат резултати, а остварениот национален интерес е на прво место. Очекувам владата да ги развие и подготви законите поврзани со планот за закрепнување и одржливост за доставување до Народното собрание за Бугарија да не продолжи да губи време и пари – нагласил Радев.

Тој додал дека следната недела ќе соопшти кога ќе го додели мандатот на втората по големина партија.