Апелацискиот суд во Нови Сад денеска го потврди обвинението против поранешниот српски министер за транспорт Горан Весиќ и уште пет лица во врска со падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.
Со одлуката е поништено решението на Вишиот суд од 24 декември 2025 година, со кое беше запрена постапката против дел од обвинетите, а е потврдено обвинението поднесено од Вишото јавно обвинителство.
Покрај Весиќ, обвинението е потврдено и за неговата поранешна помошничка Анита Димоски, поранешната директорка на „Инфраструктура Железнице Србије“ Јелена Танасковиќ, како и за Милан Спремиќ, Марина Гавриловиќ и Дејан Тодоровиќ.
Апелацискиот суд ги отфрли како неосновани жалбите на обвинетите, со што се создадени услови за почеток на судскиот процес во еден од најголемите случаи поврзани со јавната безбедност во Србија во последните години.
Исто така, судот ги одби жалбите на Небојша Шурлан, Слободан Наумовиќ, Милан Јелкиќ, Љиљана Милиќ Марковиќ, Јасна Стојиљковиќ Милиќ, Зорица Славковиќ Марјановиќ и Душан Јанковиќ, кои се обвинети за кривични дела поврзани со загрозување на јавната безбедност и неправилности при изведување на градежните работи.
Трагедијата, во која животот го загубија 16 лица, предизвика масовни антивладини протести низ Србија. Демонстрантите бараа утврдување одговорност за наводни пропусти и корупција при реализацијата на инфраструктурни проекти.
Со најновата одлука на Апелацискиот суд се отстранети процесните пречки за почеток на судењето, кое сè уште не е закажано.



































