Брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Велес спречи поголема материјална штета откако денеска попладне избувна пожар кај паркингот во близина на Автобуската станица во Велес.
Дојавата за пожарот била примена во 13:45 часот, првично како запалено патничко моторно возило. По пристигнувањето на местото, пожарникарите утврдиле дека горела сува трева меѓу коловозот и паркингот, а огнот се проширил и оштетил најмалку шест паркирани возила.
Во интервенцијата учествувале едно противпожарно возило и тројца пожарникари, кои за кратко време успеале да го локализираат пожарот и да спречат негово понатамошно ширење кон останатите автомобили.
Од ТППЕ Велес повторно апелираат до граѓаните да не палат оган на отворено, особено во период на високи температури и сува вегетација, кога ризикот од пожари е значително зголемен.
Дополнително, преку својата официјална Фејсбук-страница, велешките пожарникари ги повикаа земјоделците од општините Велес, Чашка и Градско да не палат стрништа, а граѓаните да не палат сува трева, потсетувајќи дека токму ваквите постапки во изминатиот период биле причина за повеќе пожари со сериозни последици по животната средина и имотот.
Потсетуваат дека последниот поголем пожар во велешкиот регион беше регистриран на 30 јуни, кога огнената стихија, која започна во близина на Штипската клучка и Градската комунална депонија, се прошири кон повеќе локации и зафати хектари сува вегетација, лозја, викенд-куќи, соларни панели и други објекти.


































