Агенцијата за статистика на Косово (АСК) во својот последен извештај за демографските движења во земјата објави дека во косовските институции нема речиси никакви податоци за бројот на родени и починати во северните делови на државата, населени со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Србите воопшто не се пријавуваат во косовските матични служби и се претпоставува дека тоа го прават во соодветните институции во Србија.

Во извештајот на АСК, насловен „Проценки за населението во 2017-та“, се наведува дека „во случаите на раѓања и умирања кај српската заедница, дел од нив се регистрираат, додека другиот дел, посебно во општините во северниот дел на Косово, не ги регистрираат, односно не известуваат за случаите на новородени и починати“.

– Според природниот прираст на српската заедница во другиот дел од Косово и во регионот, бројот на непријавени новородени и починати е речиси еднаков (со нешто поголем степен на починати), но АСК во овој извештај не врши проценка за таа заедница за непријавените (нерегистрирани) случаи бидејќи нема изразена статистичка отстапка, а која нема да влијае на проценетите податоци на општинско ниво и дотолку повеќе на државно ниво, се вели во извештајот на Агенцијата за статистика на Косово.