Над 40 отсто од испитаниците одговориле дека „со сигурност“ нема да се вакцинираат, додека уште над 10 отсто рекле дека „веројатно нема“ да се вакцинираат

Веруваат ли Македонците во науката или повеќе во теории на заговор? Зошто мнозинството македонски граѓани не сакаат да се вакцинираат со новата вакцина против ковид-19? Ова се некои од прашањата во истражувањето на Институтот од Вашингтон за Балканот, во кое има поразителни резултати за разбирањето на граѓаните за ковид-19. Според резултатите од анкетата, над 40 отсто од испитаниците одговориле дека „со сигурност“ нема да се вакцинираат, додека уште над 10 отсто рекле дека „веројатно нема“ да се вакцинираат. „Со сигурност“ ќе се вакцинираат околу 15 отсто од македонските граѓани, а оние што „веројатно“ ќе се вакцинираат се околу 20 отсто. Другите 10 отсто од анкетираните сѐ уште не одлучиле што ќе прават.
Епидемиологот Александар Стојанов вели дека резултатите од анкетата не се нималку чудни или невообичаени, зашто сме познати како нација што не сака да се вакцинира.
– Тоа се докажало многупати со вакцините против сезонскиот грип, кога немало интерес за вакцинација. Многу години сме фрлале вакцини. Оваа година е исклучок, поради стравот од ковид-19. Второ, оваа состојба е сосема нова, па затоа и новата вакцина се прифаќа со скепса и затоа е и отпорот за вакцинација -посочува Стојанов.
Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавност и нови медиуми, не би се согласил дека повеќето граѓани повеќе веруваат во теории на заговор отколку во научните теории, но факт е дека висок број сѐ уште ги поимаат конспирациите како поважни од кредибилните информации на институциите.

– Има неколку причини за ова. Прво, институциите и политичарите фокусот го ставаат на правото на мислење и уверување, наместо на важноста и неопходноста од почитување на законите и мерките за заштита. Со други зборови, институциите првенствено треба да се погрижат препораките и мерките за заштита од ковид-19 да се применуваат буквално од секого, а второстепено дали некој избрал да верува во теории на заговор или научни теории – објаснува Кордалов.
Второ, според него, потребни се суштински промени во вложувањата што институциите ги прават во граѓаните.
– Важно е да се извлечат поуки од страна на властите и институциите за да почнат еднакво да ги третираат и да вложуваат буквално во сите граѓани, а не како досега да ги делат на „наши и ваши“, „поважни и неважни“, „привилегирани и преостанати“ итн. Трето, секако е многу важна и личната одговорност, која подразбира денес, во ера на интернет, да ги искористиме предностите што дигитализацијата ни ги нуди на секој од нас. Тоа значи со еден клик на интернет можеме да прочитаме мноштво информации на секоја тема, а со тоа и да градиме критичко размислување и силен личен став за секое важно прашање, наспроти колективниот дух на размислување, на кој сѐ уште му кумуваат огромен број политичари – додава Кордалов.

Според него, дополнително, јазикот на кој комуницираат институциите често е на високо или стручно ниво, што ги прави официјалните информации помалку атрактивни од теориите на заговор, кои го говорат „народниот“ јазик.
– Исто така, тромоста и неподготвеноста на јавните институции за брза и двонасочна комуникација со медиумите и со граѓаните преку дигиталните алатки го отежнуваат процесот на борба со дезинформациите и теориите на заговор – смета тој.