Францускиот институт во Скопје и „Танц фест“, по повод отворањето на прославата на 50 години постоење на Францускиот институт во Скопје и затворањето на јубилејното 20-то издание на „Танц фест“, организираа ексклузивно гостување на француската театарска група „Кафиг“ со танцовиот перформанс „Мозаик“.
Кореограф на претставата е Мурад Мерзуки, еден од најзначајните кореографи со светско реноме денес, кому француската влада му ја довери кореографијата на официјалната церемонија на отворање на Олимписките игри 2024, насловена „Танцот на игрите“.

Всушност, по огромниот успех на танцовиот перформанс „Пиксел“ во 2017 година во рамките на „Танц фест“, Мурад Мерзуки и групата „Кафиг“ се враќаат во Скопје со нивниот најнов танцов спектакл „Мозаик“.
Во текот на изминатите триесетина години Мурад Мерзуки вистински придонесе кон развојот на хипхопот и го зацврсти местото на овој танц во светот на современата кореографија.
Низ бокс, циркуски точки, класична музика и воздушни танци, патувајќи од една креација кон друга, публиката е принесена во нов универзум, кој сам по себе е единствен, поетски и визуелен.
Секоја танцова точка е производ на навидум неочекувани танцови средби. Секој на свој начин се движи по патеките, ги заобиколува клишеата, ги надминува естетските граници и ги открива новите перспективни на хипхопот.

Во 2022 година, откако го завршува мандатот на раководител на Националниот кореографски центар во Кретеј и Вал-де-Марн, Мерзуки предлага танцов приказ на неговата уметничка кариера, поканувајќи триесетина танчари од групата „Кафиг“ за да изведат извадоци од неговите танцови претстави, кои на ваков начин се слеани во едно дело и кои за првпат ќе бидат изведени на сцена. Насловот на ова дело е „Мозаик“. Уметничкиот преплет, насловен „Мозаик“, во суштина ги содржи најдобрите точки од неговиот репертоар, а во него Мерзуки се појавува како создавач алхемичар.
Всушност, тој поведен од желбата што повеќе да ѝ се доближи на публиката, го создава овој единствен танчарски перформанс. Со петмина изведувачи на сцена, ова кореографско „универзално“ парче е „дизајнирано“ да му се приспособи на каков било тип на сцена, како на затворено, така и на отворено, но и да се изведува во простории што не се исклучително танцови сали.

Во фоајето на МНТ исто така ќе биде поставена и ретроспективната изложба „50 години Француски институт во Скопје“, која го прикажува дејствувањето на Францускиот институт во текот на изминатите педесет години.