Брисел – Црна Гора и Албанија се приклучуваат на одлуката на Европската Унија (ЕУ) за продолжување на санкциите против Русија и поединците во Украина, објави министерката за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини. (Макфакс)

Атина – За Грција кризата беше трагедија, но, како и во секоја трагедија, на крајот доаѓа катарзата. Од мрачните години излегуваме посилни, помудри и попрагматични, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на своето обраќање на вториот меѓународен трговски саем ЕКСПО во Шангај. Тој додаде дека по десет многу тешки години, грчката економија динамично закрепнува. (МИА)

Софија – Бугарија е земја што има нула миграција, благодарение на сите преземени мерки, во согласност со сите европски правила, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој особено го истакна договорот меѓу ЕУ и Турција за миграцијата, за кој оцени дека функционира одлично. (БТВ)

Подгорица – Во Црна Гора е направено првото крштевање на првото транс-лице. Вук Аџиќ бил крстен во неделата, со благослов на црногорско-приморскиот митрополит Амфилохие, во Храмот на Христовото воскресение во Подгорица. Тој е роден како девојче, но беше крстен како момче, сè уште не го завршил процесот на промена на полот. („Вијести“)


Бисер балкански

Свештенички самослик
– Е, сега, да видиме колку оваа фотографија ќе има споделувања, лајкови и коментари. Малку да го одвлечеме вниманието од лошата црна хроника и политика… – напиша ефенди Адмир Мухиќ под објавата на самосликот со фра Иво Бошњак и парохот Жељко Видаковиќ.
Познатиот ефендија од Босна и Херцеговина и минатата година објави заедничка фотографија, со која сакаше да ја истакне меѓусебната функционалност на трите вери во Карловачката жупанија. Тројцата верски старешини имаат потекло од БиХ.