Ставовите на повеќето аналитичари се дека клучот за откочување на европскиот процес на Балканот е во рацете на францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше и главен иницијатор за донесувањето на новата методологија за проширување

Нема позначајни поместувања во процесот на приближување на земјите од Западен Балкан, по усвојувањето на новата методологија за проширување на Европската Унија, која беше донесена на почетокот на 2020 година. Пред државите од регионот сѐ уште стојат општите препораки од Брисел, кои се тематски поделени во досегашните 30 поглавја, кои ги опфаќаат темите од владеење на правото, пазарот, економијата, зелената агенда и поврзување, земјоделството и ресурсите и надворешните односи. Тоа што е познато е дека Европската комисија работи на т.н. план за примена на новата методологија на Албанија и Македонија и посебно на Србија и Црна Гора, а се очекува за овие две земји да не се менува преговарачката рамка.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, за „Дојче веле“ објаснува дека новата методологија има цел пристапните преговори да ги направи веродостојни, предвидливи и динамични. Црна Гора ги има отворено сите шест кластери, а нејзината обврска во 2021 година е да ги исполни преодните мери во областа на владеењето на правото и без нивно исполнување нема да може да премине на другите области. Србија досега отвори 18 од 35-те преговарачки поглавја, а го исполни условите за отворање на првиот кластер. Во Брисел инсистираат на отворање на третиот кластер, кој се однесува на економските реформи, и на четвртиот кластер, за транспорт, енергетика, зачувување на животната средина и борбата против климатските промени. Португалија, како земја претседавач со ЕУ, најавува одржување четири меѓувладини конференции, со што би почнале пристапните преговори со Македонија и со Албанија. Босна и Херцеговина и Косово се многу далеку од идејата за пристапните преговори со ЕУ. Во основа, политиката за проширување на ЕУ кон крајот на минатата година се соочи со целосна блокада од Бугарија, која ја оневозможи преговарачката рамка за Македонија, а со тоа и на Албанија, се наведува во последната анализа на Центарот за европски политички студии од Брисел (ЦЕПС).

– Посветеноста на европските перспективи на Западен Балкан, која е често споменувана во документите на ЕУ, останува млака. Мнозинството земји-членки се неодлучни да се ангажираат во тој правец, што го отсликува и ставот на јавното мислење во некои членки за натамошното проширување – се наведува во анализата на ЦЕПС.
Ставовите на повеќето аналитичари се дека клучот за откочување на европскиот процес на Балканот е во рацете на францускиот претседател Емануел Макрон, кој беше и главен иницијатор за донесувањето на новата методологија за проширување. Токму затоа со големо внимание се очекуваше и средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој неделава оствари билатерална средба со францускиот претседател во Париз. Општата оцена на Белград е дека оваа средба била „доста успешна за Франција, а многу малку и за Србија“, имајќи предвид дека многу поголем простор во нивните разговори бил посветен на ангажирањето на француските компании во изградбата на белградското метро!
Претпоставката дека Макрон го минира проширувањето на ЕУ поради политички поени на домашната политичка сцена е посочена и во анализата на Фондацијата на отворено општество, која е објавена во вторникот. „Дојче веле“ ја пренесува изјавата на Срѓан Цвијиќ, еден од авторите на истражувањето, кој појаснува дека француската администрација под водство на Макрон „суштински не е против проширувањето на Западен Балкан, но дека се плашат од последиците од перцепцијата кај граѓаните дека тие ја поддржале оваа идеја“.

Проширувањето на ЕУ меѓу Французите не е популарно и тоа е најголемо од другите земји на Унијата. Од спроведеното истражување, 59 отсто од Французите сметаат дека приемот на Западен Балкан би бил „лош“, а само 22 отсто изјавуваат дека е „добро“. Но во исто време големо мнозинство француски граѓани се за прием на Норвешка (81 отсто) или на Исланд (75 отсто). За другите држави нивната поддршка е ниска: за Црна Гора 27 отсто, за Украина 26 отсто, за Македонија 25 отсто, за Србија 22 отсто, за БиХ 20 отсто, за Албанија 20 отсто, за Косово 15 отсто и за Турција со 12 отсто.
– Мојата хипотеза е дека Французите никогаш не правеле вистинско истражување на јавното мислење за прашања од Западен Балкан. Повеќе се потпираа на интуицијата и на површните истражувања, во кои луѓето само се прашуваат дали сте за проширување. Балкан не им е од стратегиско значење и затоа се одлучуваат за помалку ризичниот потег, а тоа е да ја блокираат оваа приказна – вели Цвијиќ.
Тој го наведува податокот дека само 22 отсто од јавното мислење во Франција има цврст негативен став за проширување на ЕУ со Србија и соседните земји. Меѓу овие се и лицата што не ѝ посакуваат добра иднина и на Европската Унија. Емануел Макрон идната година го чекаат неизвесни избори за освојување на вториот претседателски мандат. Неговиот главен ривал и лидер на Националниот сојуз, Марин Лепен, според анкетите што ги пренесува магазинот „Политико“, има предност од 26 отсто пред актуелниот француски претседател со 24 отсто, пренесува „Дојче веле“.