Вучиќ, Заев и Рама на онлајн трилатерала за балканскиот мини-шенген

Српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама, како и Зоран Заев, македонскиот премиер, вчера одржаа онлајн средба во рамките на балканскиот мини-шенген. Тројцата лидери на вчерашната средба, меѓу другото, разговарале за натамошно проширување на соработката, со цел да се отстранат пречките во слободата на движење за луѓето, капиталот, стоките и услугите помеѓу трите земји и регионот.
Претходно, како дел од оваа регионална соработка во ноември 2020 година, Вучиќ и Рама во тој контекст потпишаа и договор што им овозможи на граѓаните на Србија и на Албанија да влезат на територијата на двете земји со лична карта. За време на истиот состанок, лидерите на Албанија, Македонија и на Србија исто така потпишаа меморандум за соработка во борбата против пандемијата. Од она што е договорено на последната онлајн средба е дека на 29 јули лидерската тројка ќе се сретне во Скопје за да се потпишат и финалните договори што произлегуваат од спроведувањето на обврските од берлинскиот самит, како што се договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, но и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу трите земји.
– Заеднички регионален пазар, регионален шенген, зелени коридори или во поширока смисла преку Берлинскиот процес може да им донесе опипливи резултати на нашите граѓани. Како регион со приближно 18 милиони луѓе, треба да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно – се вели во заедничката изјава на тројцата лидери по вчерашната средба.