Во Европската Унија нема јасна стратегија и единствен став за Западен Балкан, а појавата на нонпејпери за евентуално ново прекројување на границите е одраз на спласнување на процесот за проширување на ЕУ кон регионот што ја изгуби силата по влегувањето на Хрватска, сметаат повеќемина експерти

Европската Унија нема јасна стратегија за Западен Балкан во време кога низ Брисел поминуваат карти за промена на границите, неуспешната испорака на вакцините преку единствениот систем за распределба, а Црна Гора поради финансиските долгови им се препушта на кинеските интереси. Ова е германскиот поглед на актуелната состојба на Балканот, што беше изнесена во текстот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во кој отворено се посочува на европската неодлучност за решавањето на „европскиот“ статус на земјите од регионот. Германскиот весник отворено посочува на сѐ поголемата разочараност кај балканските граѓани и за сѐ пораширеното уверување дека не можат да имаат доверба во Европската Унија. Во таа насока се споменува неснаоѓањето на ЕУ со навремената испорака на вакцини за населението на Балканот, што беше успешно искористено од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој побара помош од Русија и од Кина, додека другите земји беа препуштени самите на себе, чекајќи да профункционира испораката на вакцини преку системот „Ковакс“.

Европската Унија сега се обидува да го врати своето влијание во процесот на вакцинацијата, преку вклучување на Австрија, која треба да ја преземе улогата на координатор при распределбата на 650 илјади дози вакцини од „Биотек“ и „Фајзер“, кои ќе бидат испорачани до крајот на август во земјите во регионот. Ангажирањето на Австрија за оваа акција е поради два фактора: нејзиниот непосреден интерес за влијание во земјите од регионот, но и поради големиот број работници од Балканот што работат во австриските компании, и намалувањето на ризикот за пренесување на коронавирусот. За политичката содржина од забрзаната вакцинација во регионот, говори и австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, кој се обиде да го пренесе сигналот од ЕУ дека е потребен „јасен европски именител на Западен Балкан“.
Многу нејаснотии за односот на ЕУ кон Балканот се појавија и со фамозниот „нонпејпер“ и околу „авторството, целта или автентичноста“ на мапата за новите граници, што, наводно, во Брисел го испратил словенечкиот премиер Јанез Јанша, пишува швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг“.
„Наспроти демантите од Љубљана и од Брисел, веројатно е дека словенечкиот премиер Јанез Јанша и претседателот Борут Пахор биле вклучени во размислувањата за промена на границите.

Ова е особено интересно што Словенија во јули го презема претседавањето со Советот на ЕУ, а таа нагласокот го става на Балканот. Наспроти радикализмот и нереалноста, овој нонпејпер се појавува во вакуум. Очигледно е дека ЕУ не следи некоја уверлива политика на проширување и нема стратегиски пристап кон Западен Балкан. Логично е дека без европска перспектива порано или подоцна ќе дојде до ренесанса на етничките проекти во регионот – се заклучува во коментарот на швајцарскиот весник.
Професорот на Централноевропскиот универзитет, Марко Прелец, изразува сомневање околу потеклото на нонпејперот и, како што вели за „Еуроактив“, би помогнало многу повеќе кога ЕУ би зазела поцврст став кон содржината на овој документ. Водечките европски институции, Европскиот совет, Европската комисија и Службата за надворешни работи на ЕУ не сакаа да го коментираат или да го потврдат постоењето на овој документ што се појави минатата недела.
– Широкото толкување дека Брисел и некои членки не се сигурни дали е паметно едноставно да се обидат да ја негираат неговата веродостојност и да не го коментираат или да го осудат. Мислам дека во овој момент е најдобро тоа да се осуди – изјави Прелец, поранешен претставник на Меѓународната кризна група за Балкан.
Според него, овој документ треба да се гледа во контекст на спласнување на процесот за проширување, кој ја изгуби силата по влегувањето на Хрватска во ЕУ во 2013 година.

Во оваа насока е и изјавата на Енѓелуш Морина, од истражувачкиот центар на Европскиот совет за надворешна политика, според која нонпејперот е „сигнал за ЕУ дека треба да најде основа за изедначување на ставот кон Западен Балкан затоа што некои членки на ЕУ имаат различни идеи и мислења“, пренесува „Данас“.
Досега, од големите европски сили единствено Германија јавно ги отфрли „замислите што би воделе кон прекројување на границите на Балканот“. Михаел Рот, државен секретар во германското министерство за надворешни работи задолжен за Европа, смета дека тие се „реликвии од пропаднатото минато“. Во интервјуто за „Дојче веле“, Рот вели дека со промените на границите не би бил решен ниту еден проблем на Балканот, туку само би се создале нови судири. Со истиот став излезе и шефот на германската дипломатија Хајко Мас, кој по посетата на Приштина, изјави дека не е можна никаква дискусија за евентуална промена на границите на Балканот – Германија жестоко отфрла такви идеи, кои треба да се фрлат во фиока – рече Мас.
Вчера тој во Белград се сретна со српскиот државен врв, по што порача дека сега е вистински момент за постигнување на дијалогот за нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово.