За Берлинскиот процес и иницијативата „Отворен Балкан“, германската канцеларка Ангела Меркел рече дека трите земји можеби ја нашле втората најдобра опција, но дека целта е да се биде во процес што ќе ги вклучи сите шест земји во регионот

Меркел со искрена и отворена порака до земјите од Западен Балкан

Последната балканска турнеја на германската канцеларка Ангела Меркел ги разби илузиите меѓу најголемите еврооптимисти за брз прием на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Без дипломатско заобиколување, Меркел по завчерашната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, отворено порача дека земјите од регионот ги чека долг период за реформи, чија крајна цел е пристапување во европската заедница.
– Земјите од Западен Балкан ги очекува долг пат до членство во ЕУ, но ги охрабрувам да продолжат на тој пат – изјави германската канцеларка Ангела Меркел. На состанокот, како што пренесоа медиумите во регионот, доминираа три главни теми – дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, интеграција на Србија и другите земји од Западен Балкан во ЕУ и германски инвестиции во Србија.
– Знам дека перцепцијата е оти процесот на европските интеграции тече бавно и дека европската страна поставува нови барања, но гледаме низа резултати и гледаме напредок. Внимателно се води сметка да им се поставуваат исти услови на сите држави од Западен Балкан – рече Меркел на заедничката прес-конференција со Вучиќ.
Таа наведе дека ЕУ има „голем геостратегиски интерес“ сите земји од Западен Балкан да бидат примени во ЕУ и укажа на опасноста од „влијанија од други региони“ доколку Унијата не дејствува доволно брзо во некои ситуации.
Меркел ја охрабри Србија „да оди понатаму кон правна држава и плуралистичко општество“ и додаде дека „економските успеси треба да биде показател дека членството во ЕУ е цел што се исплати“.

На прашањето како гледа на иницијативата „Отворен Балкан“ и дали двата процеса се комплементарни или меѓусебно се натпреваруваат за заедничкиот пазар на Западен Балкан, таа рече дека трите земји можеби ја нашле втората најдобра опција, но дека целта е да се биде во процес што ќе ги вклучи сите шест земји во регионот. Таа ја нагласи и важноста на Берлинскиот процес во приближување кон ЕУ и изрази задоволство што резултатите се веќе видливи, дека може да се постигне напредок во постигнувањето заеднички пазар, но и дека Берлинскиот процес не го заменува пристапниот процес, туку има цел поврзување на регионот.
Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи посочи дека луѓето од Западен Балкан би можеле да создадат нова мигрантска криза во Европската Унија доколку не ги исполнат своите ветувања за проширување на блокот.
Тој за весникот „Унгарска нација“ нагласи дека е неопходно да се исполнат ветувањата дадени за Западен Балкан.
– Мора да ги исполниме ветувањата за Западен Балкан. За мене, тоа е една од најважните лекции за ситуацијата во Авганистан – рече Вархеи.
Новиот американски пратеник за Западен Балкан и за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Габриел Ескобар, изјави дека САД имаат многу јасна цел да го направат целиот Западен Балкан дел од Европската Унија, каде што му е географското, историското и културолошкото. Според него, Унијата со проширувањето во регионот може само да има полза.

Ескобар, кој го наследи Метју Палмер како заменик-помошник државен секретар за бирото за Азија и за Евроазија и пратеник за Западен Балкан, рече дека САД ќе работат со ЕУ за да ги убедат сите страни дека тоа е единствениот правилен пат.
На панелот организиран од Бриселскиот центар за европска политика (ЕПЦ), Ескобар рече дека членството во ЕУ носи големи придобивки, дека земјите стануваат подемократски, попросперитетни и дека дури и кандидатурата за членство ги охрабрува земјите да станат подемократски и економски посилни.
Американскиот дипломат, сепак, додаде дека е малку загрижен поради недостигот од доверба во пораката за проширување на ЕУ, а исто така и затоа што пораката нема голема поддршка од земјите-членки на ЕУ.

По посетата на Белград, во рамките на својата последна посета на регионот како канцеларка, Меркел вчера во албанската престолнина оствари средби со лидерите од земјите на Западен Балкан. Посетата на Меркел на регионот се смета за нов поттик за Берлинскиот процес, иницијатива силно поддржана од германската канцеларка, која почна во 2014 година и има цел зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ, во областа на економијата, транспортот и енергетиката. Од Владата на Македонија велат дека на средбата помеѓу Заев и канцеларката ќе се разговара за трговската размена помеѓу Северна Македонија и Германија, политичките околности за понатамошното проширување на ЕУ и иницијативата „Отворен Балкан“, чија главна цел е забрзана интеграција на регионот во ЕУ.