Хрватска од годинава ќе почне со системот за целосна селекција на комуналниот отпад, додека другите земји од Балканот се на дното на Европа, според рециклирањето на отпадот од домаќинствата
До средината на јуни годинава околу 400 града и општини во Хрватска ќе добијат опрема за собирање отпад, а за таа намена ќе бидат поделени 1,18 милион канти за селектирање на ѓубрето од домаќинствата. Преку Фондот за заштита на околината и за енергетска ефикасност во тек е распределба на кантите со различен волумен за одвоено собирање хартија, пластика, биоотпад и друг материјал за рециклирање. Во претходниот период до единиците на локалната самоуправа биле испорачани 48 илјади поголеми метални и пластични контејнери, во кои граѓаните можеа да фрлаат разни видови отпад. Целиот проект е во вредност од 370 милиони куни, кои биле обезбедени од средствата на Министерството за економија и одржлив развој, како и од фондовите на Европската Унија, објави „Јутарњи лист“.
– Хрватска во 2019 година забележа пораст од шест отсто во одвоено собирање на отпадот, што сега на национално ниво изнесува 37 отсто. Со обезбедување на опремата за граѓаните и со постојана едукација и информирање на јавноста, овој процент сигурно ќе расте – изјави Синиша Кукиќ, директор на Фондот за заштита на околината.
Според податоците на Еуростат, во 2019 година Хрватска е малку под европскиот просек за фрлање комунален отпад, со 445 килограми по жител (европскиот просек е 502 килограми). Со кантите за одвоено собирање на отпадот од европските фондови беше кофинансирана и изградбата на дворовите за рециклирање, сортирници и станици за компостирање, како и за набавка на комуналните возила. Паралелно се врши и санација на депониите за комунален отпад.
Европскиот зелен план и документите што произлегуваат од него имаат цел до 2050 година ЕУ да биде дел од климатскиот неутрален континент.
Процените се дека половината од вкупните емисии на стакленички гасови и повеќе од 90 отсто од загубите на биолошката разноликост и недостиг од вода се последица на неконтролираната експлоатација на природните ресурси.
Со зелениот план е изработен и нов акциски план за кружна економија, во кој детално се разработени мерките со кои се планира да се влијае на општото намалување на потрошувачката и зголемување на долготрајноста на производите, повторно искористување и рециклирање. Либералното производство „купи, користи и фрли“, треба да се трансформира во вистинско кружно производство, што подразбира и вклучување политики, производи, производствени процеси и нови деловни модели.
Во целиот регион нема ефективното управување со отпадот, за што се одвојуваат ниски буџети во општините, чии комунални претпријатија работат со застарена опрема и инфраструктура. Рециклирањето на отпадот е ниско во земјите од регионот, во кои се шират дивите депонии покрај руралните патишта и на периферијата на градовите. Во Србија преработката на отпадот учествувала со над три отсто, а поголемиот дел завршил на депониите, се наведува во извештаите на „Балкан грин енерџи њуз“. Србија сериозно заостанува зад земјите од Централна и Источна Европа во сите фази од собирањето, фрлањето и преработката на комуналниот отпад. Ситуацијата е слична и во Косово, каде што само половина од 1,8 милион жители се опфатени со услуги за собирање отпад.
Неофицијалните процени за Босна и Херцеговина покажуваат дека земјата е на дното од процентуалното учество на рециклираниот отпад, кој се движи меѓу пет и седум отсто. Со несоодветно третирање на отпадот се соочува и Македонија, а речните корита се преплавени од разни пластични предмети, стар домашен мебел, електрични апарати… Собраното количество селектиран пластичен отпад во државата е минимално и претставува околу 1,4 отсто од вкупниот собран отпад во една година, а во најголем дел е резултат на преземени дејства од колективните постапувачи и неформалниот сектор со индивидуални собирачи.
Во земјите од Европската Унија последните неколку години се рециклира околу 40 отсто од амбалажниот отпад, а до 2030 година сета пластична амбалажа треба да биде приспособена за рециклирање, се наведува во извештаите на Европскиот парламент.