Атина – Грчката влада ги продолжи одлуките за привремено ограничување на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, до 19 април 2021 година, а за транспортерите е продолжено работното време на граничниот премини Евзони (Богородица) кон Македонија. Конкретниот премин ќе биде отворен од 7 до 23 часот по локално време, наместо до 19 како што беше претходно, иако македонските и грчките транспортери од надлежните власти бараа за нив да биде отворен 24 часа, со оглед на тоа дека има голема фреквенција на камиони. („Независен“)

Белград – Државниот секретар на Министерството за здравство на Србија, Мирсад Ѓерлек, посочи дека покрај постојните 11 места, од вторник ќе се отворат 50 нови пунктови за вакцинација во Србија, каде што граѓаните ќе можат да се имунизираат без да закажат термин. Тој додаде дека досега 1.435.000 граѓани ја примиле првата доза на вакцината против коронавирусот и дека 1.017.000 граѓани биле ревакцинирани. (РТС)

Приштина – Продолжението на вонредната седница на Собранието на Косово, на која треба да продолжи постапката за избор на претседател на Косово, беше закажана за вчера попладне. Претходно седницата беше прекината бидејќи немаше кворум. Тројцата пратеници на ЛДК, Авдулах Хоти, Дритан Селманај и Агим Велџиу, кои беа во салата и со тоа спречија кворум што ќе овозможи прв круг на гласањето за претседател, не гласаа. (ТВ21)


Бисер балкански

Наши и нивни писатели за деца

– Иако лектирата во основните училишта е еден од темелите на образованието, за жал, училишните планови и програми кај нас се одвиваат преку грбот на децата, а служат пред сѐ за потврда на сопственоста над националниот идентитет, па потоа се извлекуваат од правта писатели што на децата не им значат ништо, а креаторите на програмите ги земаат зашто се „наши“, само за да не бидат „нивните“ – вели Ферида Дураковиќ, истакната босанскохерцеговска детска писателка, за тоа дека Денот на книгата за деца во Босна и Херцеговина нема поголема важност, освен за оние што знаат за овој датум, кој се одбележува на 2 април.