Софија – Само два процента е разликата помеѓу ГЕРБ, на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, и Има таков народ, на Слави Трифонов. Анкетата на „Алфа рисрч“ покажува дека 20,3 отсто од граѓаните на претстојните парламентарни избори би гласале за ГЕРБ на Бојко Борисов, 18,2 отсто за Има таков народ на Слави Трифонов и 14,4 отсто за БСП или бугарските социјалисти. На изборите што се одржаа во април, партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), на чело со актуелниот премиер Бојко Борисов, освои 26,14 отсто од гласовите. („Фактор“)

Атина – Задолжителната вакцинација на здравствените работници и работниците во домовите за стари лица е неизбежна, изјави грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, пред грчкиот парламент.
– Големо научно достигнување е што развивме вакцини за помалку од една година. Ова е чудо на науката. Наскоро ќе има официјална позиција за прашањето за задолжителна вакцинација на здравствените работници и работниците во домовите за стари лица. Владата ќе донесе одлука со јасен приоритет во јавното здравство – рече Мицотакис. („24 часа“)

Тирана – Албанскиот парламент го разреши претседателот на државата Илир Мета со 104 гласа за, седум против и три воздржани, со образложение дека извршил сериозни прекршувања на Уставот. Претходно пратениците со ист број гласови го изгласаа и извештајот на анкетната комисија за прекршување на уставните надлежности од страна на Мета. Оваа одлука на Парламентот сега оди во Уставниот суд, кој треба да се изјасни во рок од три месеци. (РСЕ)


Бисер балкански

Кредитите на Тито

Граѓаните на Србија ќе ги враќаат кредитите земени во времето на Јосип Броз Тито уште 20 години, а веќе следната недела за наплата пристигнуваат повеќе од 20 милиони евра. Отплатата за следната недела се однесува за враќање на долгот кон Светската банка, а во јунската рата 4,2 милиони евра се камати, а 17,87 милиони евра е главницата.
Последните рати за кредитите од поранешна Југославија, кои се земани во седумдесетите и осумдесеттите години на минатиот век, доспеваат во 2031 и 2041 година, а вкупниот долг изнесува 1,7 милијарда евра.
Србија во текот на годинава исплатила вкупно 241,8 милиони евра. Просекот на враќање на југословенските кредити годишно изнесуваат околу 340 милиони евра. Досега Србија ги исплатила старите долгови кон Лондонскиот клуб и кон Европската инвестициска банка.