Белград – Размената на територии меѓу Србија и Косово „би била многу опасна“, изјави претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, за францускиот весник „Монд“.
– Ништо не е готово додека сè не заврши – рече Лајчак за дијалогот Белград – Приштина. Тој истакна дека луѓето во Владата на американскиот претседател Џозеф Бајден, задолжени за Балканот, „чувствуваат историска одговорност за политичкиот и човечкиот ангажман на нивната земја во регионот“. (Н1)
Загреб – Во Хрватска излегоа на виделина над 30 случаи на сексуално вознемирување. Анонимните пријави зачестија откако српската актерка Милена Радуловиќ јавно објави дека е жртва на силување на нејзиниот професор по глума Мирослав Мика Алексиќ. Признанија на жртвите на сексуално насилство се дел од иницијативите „Не барав“ и „Не си сама“, кои се проширија преку социјалните мрежи, пренесува („Танјуг“)
Софија – Стотици сопственици на ресторани и клубови, како и келнери и шанкери, протестираа завчера во центарот на Софија против одлуката угостителските објекти да бидат затворени, додека се ублажени други мерки против коронавирусот. Околу 1.500 луѓе удираа со тенџериња пред зградата на Владата и го замолија премиерот Бојко Борисов да ја преиспита одлуката за затворање на локалите. („24 часа“)
Бисер балкански
Извини по смртта на Фурлан
– Кој е виновен што Мира Фурлан морала да побегне во 1991-та? Какво глупо прашање. Виновна е „1991-та“. Денеска сѐ толку се сменило, на подобро, секако, затоа што на починатите, им се извиниле преку делегати и „Загреб“ и „Хрватска“. Жената што во таа 1991 г. едвај извлече жива глава, овие денови „од горе“ може да ужива во светилки, лампиони, црвени каранфили и други магични знаци за „хрватскиот“ очај поради кој нашите срца се кршат поради „големата загуба“ – пишува Ведрана Рудан, новинарка и писателка, во својата колумна за однесувањето на хрватската јавност по смртта на познатата југословенска глумица Мира Фурлан.
Рудан на крајот од текстот заклучува дека „само мртва жена е добра жена во Хрватска“ и им порачува на сите што постхумно ѝ се извинуваат на Фурлан, да го сторат тоа со другите жени Хрватки што во деведесеттите години беа прогласувани за „предавнички“.