Србија очекува дека до пристапувањето во Европската Унија Брисел ќе го ублажи својот став кон Русија, изјави српскиот амбасадор во Москва, Мирослав Лазански, за „Известија“.
Во интервју за весникот Лазански зборуваше за односот на Белград кон европската политика за санкциите и плановите на земјата да ја произведува руската вакцина „спутник В“. Според амбасадорот, следната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Србија може да се случи пред крајот на 2021 година.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека очекува забрзување на пристапот на Србија во ЕУ.
Според Лазански, Србија се надева дека ќе стане членка на ЕУ до 2025 година, но датумот може да биде одложен. Тој истакна дека Белград прави сè за целосно да ја приспособи својата позиција на критериумите потребни за да стане полноправна членка на ЕУ.
Лазански истакна дека Србија верува оти санкциите на ЕУ не се политика, туку недостиг од политика, и Србија, како што рече и Вучиќ, никогаш нема да воведе рестриктивни мерки против Русија.
„Бидејќи Србија сè уште не е членка на ЕУ, таа не е обврзана целосно да ја координира својата надворешна политика со онаа на Европската Унија“, рече тој, додавајќи дека дури и некои земји на ЕУ кои ги поддржуваат санкциите против Москва во пракса не ги применуваат целосно.