Албанскиот премиер Еди Рама остро реагираше на ставот на претседателот Илир Мета за анулирање на изградбата на големата обиколница во Тирана.
Рама напиша на Твитер дека Мета е најсериозен лидер на опозицијата „читајќи го Уставот идентично како неа“.
– Вистината е дека Илир Мета е најсериозен лидер на опозицијата. Уставот го чита на ист начин како што тоа го прави таа. Владата ја мрази идентично како и опозицијата, а хаосот му се допаѓа исто како и на нив – напиша меѓу другото Рама.
На реакцијата на Рама експресно реагираше Мета, преку својот портпарол Теди Блуши, оценувајќи ја како „нималку сериозна“.
Тој наведува дека само за првиот сегмент од обиколницата биле предвидени 18 милиони евра, а на тендерот била избрана фантомска компанија.
Околу прашањето на изградбата на големата обиколница реагираше и градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, кој обвини дека протестите на жителите од населбата Астир ги организира опозициската Демократска партија.
Во претходната реакција албанскиот претседател Илир Мета го соопшти својот став околу проектот за изградба на големата обиколница во Тирана, барајќи негово поништување. Претседателот Мета оствари средба со претставници на жителите од населбата Астир, кои протестираат повеќе од два месеца, бидејќи поради реализација на овој проект треба да се урнат над 300 објекти. Неговата оцена е дека проектот има голем број законски нерегуларности.
По објавувањето на скандалот за доделување тендер врз основа на фалсификувани документи работите за овој проект се во мирување.