Наместо забрана, ограничување на цената на руската нафта
Американскиот претседател Џо Бајден е под притисок на своите економски советници, кои сѐ поизразено ја споделуваат својата загриженост дека економијата може да биде погодена од сериозен шок на крајот на годината што може да ја доведе земјата во изнемоштувачка рецесија. Затоа САД планираат да воведат ограничување на максималната цена на руската нафта наместо забрана.
Ваквата одлука се базира на анализите на претставниците на Белата куќа, кои стравуваат дека новата рунда европски санкции со цел да се ограничи протокот на руска нафта до крајот на годината може да доведе до нов скок на цените на енергијата, што ќе ги погоди веќе оптоварените потрошувачи и ќе ги турне САД и другите економии во силни контракции, пишува „Њујорк тајмс“. Овој синџир на настани може да ја влоши и онака сериозната криза со храна што ги мачи земјите низ светот.
Со цел да не дозволат да дојде до таков исход, американските власти се решија да го применат досега неиспробаниот план за намалување на глобалните цени на нафтата – план што ќе ги дополни европските санкции и ќе овозможи критичните текови на руската сурова нафта да продолжат на глобалните пазари, но по значително пониска цена.
Потенцијалот уште еден нафтен шок да ја погоди глобалната економија и евентуално да ги загрози шансите за реизбор на Бајден ја натера администрацијата да се обиде да ги убеди владите и деловните лидери низ светот да се согласат на глобално ограничување на цената на руската нафта.
Тоа е нов и недокажан обид да се принуди Русија да ја продава својата нафта во светот со големи попусти. Претставниците на администрацијата и Бајден тврдат дека целта е двојна, да се намали способноста за финансирање на руската воена машина и да се намали притисокот врз потрошувачите на енергија низ светот, кои се соочуваат со зголемените цени на горивото.
Некои економисти и експерти од нафтената индустрија се скептични дека планот ќе успее, било како начин да се намалат приходите на Кремљ или да се намалат цените на бензинските пумпи. Тие предупредуваат дека планот може најмногу да ги збогати нафтените рафинерии и може да биде шанса за затајување од страна на Русија и нејзините сојузници. Москва би можела да ја одбие продажбата по ограничена цена.
Но дури и некои скептици велат дека ограничувањето на цената би можело, ако ништо друго, да задржи доволно руска нафта на пазарот за да се избегне скок на цената што ќе предизвика рецесија. Иако се чини дека е предоцна за тоа.
Поранешниот главен економист на Меѓународниот монетарен фонд, Кен Рогоф, изјави дека речиси е невозможно американските Федерални резерви (ФЕД) да ја намалат инфлацијата без да ја втурнат американската економија во рецесија.
– ФЕД мора брзо да одлучат, или брзо ќе ја намалат инфлацијата или ќе нè турнат во рецесија. Мислам дека тие само кажуваат дека ќе ја намалат инфлацијата – истакна Рогоф.
Тој истакна дека е лут поради тоа што се случува со економијата.
– Мислам дека ова не мораше да се случи. Предолго го притискаме педалот за гас – наведе професорот по економија на универзитетот „Харвард“.
Рогоф, исто така, ги посочи проблемите во синџирите на снабдување и војната во Украина како дополнителни причини за инфлациската криза, што, според него, е поголем предизвик отколку што мислеше ФЕД.
– Мислам дека треба да се движиме бавно, да оставиме инфлацијата да остане висока неколку години и да го решаваме проблемот побавно. Нема лесен излез од ова – потенцира Рогоф.