Дворецот во Версај, домаќин на лидерите на ЕУ

За владата на Макрон, воената операција во Украина и нејзините последици многу пластично ги отсликаа неговата поента и залагање: Европа е неспособна воено да се одбрани, Европа е силно зависна од руската енергија и Европа е премногу подложна на надворешни економски шокови. Затоа треба да се направи сѐ за Унијата да си создаде т.н. стратегиска автономија, а со конфликтот во Украина се создава идеална шанса…

Европските лидери ја препознаа добрата страна на војната во Украина, во функција на Европа

Воената операција во Украина им даде нов импулс на напорите на францускиот претседател Емануел Макрон да ја направи ЕУ поавтономна. Но на лидерите на континентот сè уште им треба време да „сварат“ што значи тоа во практика.
Францускиот претседател, кој ги пречека колегите лидери на ЕУ во Версај на самитот во сенка на војната, долго време ја застапува опцијата дека ЕУ треба да стане помалку зависна од другите, односно да има поголема автономија – кога станува збор за сè, од сопствената безбедност, преку политиката, па до економијата!
За владата на Макрон, воената операција во Украина и нејзините последици многу пластично ги отсликаа неговата поента и залагање: Европа е неспособна воено да се одбрани, Европа е силно зависна од руската енергија и Европа е премногу подложна на надворешни економски шокови. Затоа, треба брзо да се дејствува за ЕУ да си создаде „стратегиска автономија“.

Логиката на Франција сѐ поблиска и до другите членки на ЕУ

Војната треба да ја поттикне ЕУ „да ја намали нашата меѓузависност со надворешниот свет, да создаде не автократија, туку форма на европска независност“,рече оваа недела Клеман Бон, француски министер за ЕУ. „Ако ова е резултатот на актуелната криза, тоа ќе биде успех за Европа!“
Меѓутоа, некои членки на ЕУ, особено економските либерали и земји со силни трансатлантски врски, отсекогаш биле отпорни на „стратегиската автономија“ на Макрон, плашејќи се дека тоа е код за диригизам, протекционизам и трик да се натера Европа да „купува француско“. И кога станува збор за влијанието на војната врз одбранбената политика, голем број високи европски функционери извлекуваат сосема поинаква лекција од Макрон – имено, дека САД се од витално значење за заштитата на Европа и дека НАТО сега е порелевантен отколку што беше со децении. Но сега, во ситуацијата со украинската криза, дури и поранешните скептици ја прифаќаат севкупната агенда на Макрон, барем до одреден момент.
Мора да ја зајакнеме нашата отворена стратегиска автономија, нешто што Франција го поттикнува долго време – рече холандскиот премиер Марк Руте во средата, на настан во Париз.
Запрашан дали Холандија и другите земји, како Нордијците, ја менуваат позицијата во однос на концептот, Руте одговори: „Да, ја менуваме“.
Сепак, Руте исто така брзо нагласи дека европската економија треба да остане отворена. А неговата употреба на фразата „отворена стратегиска автономија“ стана сама по себе код што го користат оние што сакаат побалансиран пристап.

Макрон нов визионер за ЕУ?

Сите се согласуваат дека мора критички да погледнеме на нашата зависност од одредени земји, а кризата во Украина го направи тоа уште појасно – рече дипломат од економски полиберална членка на ЕУ.
Меѓутоа, во реторичка смисла, политичкиот центар на гравитација веќе се менува во насока на Макрон. Во Версај, се очекува лидерите на ЕУ да одобрат декларација што гласи како француски список со желби. Во нацрт-текстот, лидерите на ЕУ се обврзуваат на зголемување на трошоците за одбрана, постепено укинување на зависноста од руските фосилни горива и инвестирање за намалување на стратегиските зависности од странски стоки. Ова се истите приоритети што Макрон ги истакна во обраќањето до француската нација минатата недела, кога ја изложи својата визија за трансформирање на ЕУ во вистинска сила.
Паскал Лами, поранешен шеф на Светската трговска организација и поранешен европски комесар, рече дека кризите, како што се пандемијата на коронавирусот и војната во Украина, го забрзале патот на Европа кон таа цел, што е долгогодишна француска цел.
Идејата дека изградбата на Европа е сон за моќ за Франција не потекнува од вчера, таа постоела отсекогаш – изјави Лами.

Идејата за стратегиска автономија на ЕУ долго време се поврзуваше со одбраната на Унијата

Во однос на одбранбената политика, шокот од рускиот напад врз Украина имаше моментален ефект, што е највпечатливо во Германија, која ја напушти децениската воздржаност за да се заложи за огромно зголемување на воените трошоци.
Во версајската нацрт-декларација, лидерите на ЕУ заеднички се согласуваат „одлучно да ги засилат нашите инвестиции“ во одбранбените капацитети и „суштински да ги зголемат“ трошоците за одбрана. Но како ќе се потрошат тие пари, останува да се процени. Застапниците на ЕУ да ги развива сопствените одбранбени капацитети тврдат дека тоа ќе го зајакне и НАТО. Но скептиците стравуваат дека парите на ЕУ може да се трошат на проекти што не се вклопуваат во приоритетите на НАТО.
И покрај тоа што го поддржуваше зголемувањето на европските трошоци за одбрана, шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, исто така, во последните денови испрати „тапа“ порака за границите на амбициите на континентот.
ЕУ не може да ја брани Европа – изјави тој.
Идејата за стратегиска автономија долго време се поврзува со одбраната. Но, исто така, сега е во првите редови на дискусиите низ широк спектар области на политиката на ЕУ, особено енергетиката. На самитот, лидерите на ЕУ, исто така, треба да се договорат за прекин на врските со руските фосилни горива до 2030 година. И Европската комисија оваа недела го удвои планот за „достигнување независност од рускиот гас“. Тој стремеж да се постигне поголем „енергетски суверенитет“ со брзо оддалечување од фосилните горива се вклопува со приоритетите на германската влада, која ја презеде функцијата кон крајот на минатата година, со истакната улога на зелените.
Колку повеќе се потпираме на сопствените извори на енергија и колку повеќе овие извори на енергија не зависат од увоз, толку посуверени ќе бидеме во нашата надворешна политика. Тоа е она што мислиме кога велиме дека обновливите извори на енергија ни даваат поголема слобода или слобода на надворешната политика – рече германскиот министер за клима и економија Роберт Хабек, висок претставник на зелените.
Разговорот за автономија се зголемува и меѓу креаторите на земјоделската политика. Францускиот министер за земјоделство Жулиен Денорманди отиде дотаму што повика на „суверенитет на храната“ на состанокот на министрите за земјоделство на ЕУ минатата недела, бидејќи војната во Москва откри колку ЕУ се потпира на увоз на ѓубрива од Русија и од Белорусија и култури како пченка и соја од Украина.
Во Версај, лидерите треба да се договорат „да ја подобрат нашата безбедност на храната со намалување на зависноста од увезените земјоделски производи и инпути“ и, исто така, да ги зголемат инвестициите за да го направат блокот понезависен во клучните сектори, како што се суровините, полупроводниците и лековите.

Француската стратегиска автономија се движи толку брзо што економски полибералните земји имаат проблем да ја забават

На технолошки план, заканата од руски сајбер-напади поттикна обновени повици за зајакнување на дигиталната безбедност и еластичност на ЕУ, вклучувајќи и преку зајакнување на бизнисите на ЕУ во секторот и преземање политичка контрола на некои критични делови од технолошкиот синџир на снабдување. Министрите на ЕУ одговорни за сајбер-безбедноста оваа недела повикаа блокот „да ги зголеми фондовите на ЕУ за да промовира појава на доверливи даватели на услуги за сајбер-безбедност“, додавајќи дека „охрабрувањето на развојот на таквите даватели на ЕУ треба да биде приоритет на индустриската политика на ЕУ на полето на сајбер-безбедноста “, се вели во нацрт-изјавата.
Француската стратегиска автономија се движи толку брзо, што економски полибералните земји имаат проблем да најдат кочници. Тие тврдат дека начинот да се направи ЕУ поотпорна е да се изградат повеќе мрежи со други истомисленици, наместо блокот да се сврти сам на себе.
Тоа е пристап што го повтори и шефот за трговска и економска политика на Европската комисија, Валдис Домбровскис.
Колку подиверзифицирани, толку поотпорни ќе бидат трговските текови на ЕУ. Затоа инсистирам на оваа точка на отворена стратегиска автономија, за да ги диверзифицирам синџирите на снабдување што треба да бидат отворени – изјави тој претходно оваа недела.
Колку Европа ќе ја следи француската игранка, допрва ќе се утврдува. Во некои сектори, како што се трговијата и земјоделството, борбата допрва треба да се води, особено бидејќи полиберално настроените Чеси и Швеѓани ќе го преземат кормилото на Советот на ЕУ по Французите. Но Париз чувствува дека има ветер во едрата. Како што рече министерот за трговија на Франција, Франк Ристер, оваа недела: „Стратегиската автономија престана да биде табу-тема“.