Дваесет и пет години по терористичките напади на 11 септември 2001 година, во САД денеска се одбележува годишнината и им се оддава почит на жртвите.
Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува да присуствува на комеморативната церемонија во Пентагон, една од трите локации директно погодени во нападите. Во Њујорк, на местото на поранешниот Светски трговски центар, роднини на жртвите ќе ги читаат имињата на загинатите, пренесе „Асошиејтед прес“.
Во нападите, извршени од припадници на Ал Каеда, беа киднапирани четири патнички авиони. Два од нив удрија во кулите-близначки во Њујорк, трет авион удри во Пентагон, додека четвртиот се урна во Пенсилванија, откако патниците се обидоа да ги совладаат киднаперите.
Во нападите загинаа речиси 3.000 луѓе. Целта на четвртиот авион и 25 години подоцна останува нецелосно разјаснета.
Последиците од нападите, сепак, не завршија тој ден. Голем број спасувачи, полицајци, пожарникари и други лица кои учествуваа во расчистувањето на урнатините подоцна развија сериозни здравствени проблеми.
Американската Влада признава дека бројот на луѓето кои починале од заболувања поврзани со последиците од нападите веќе го надминал бројот на директно загинатите на 11 септември, пишува „Ројтерс“.
Според американските здравствени власти, досега се регистрирани повеќе од 57.000 случаи на рак поврзани со изложеноста по нападите.
Уривањето на кулите високи околу 400 метри и пожарите ослободиле токсична мешавина од прашина, стаклени влакна, азбест, бетон, гипс-картон, изгорена пластика и други штетни материи. Воздухот во областа останал опасен со недели.
На денешните комеморации, покрај речиси 3.000 луѓе кои ги загубија животите во самите напади, ќе им биде оддадена почит и на оние кои починаа во годините потоа како последица на здравствените проблеми поврзани со 11 Септември, пренесе „Си-ен-ен“.

































