Фото: Маја Јаневска-Илиева

Енергетската криза ја бутка Европа во сиромаштија

Енормниот раст на цените на енергентите во последните месеци поттикна стравувања дека милиони Европејци оваа зима ќе бидат принудени да избираат помеѓу плаќање сметки и купување храна. Ова го наведува бриселскиот портал „Еурактив“ во свој текст, каде што посочува дека трагично е дека секое четврто семејство во еден од најбогатите континенти на светот оваа зима ќе избира меѓу загревање на домовите и храна на трпезата.
– За жал, ранливите ќе бидат принудени да ја платат цената за нестабилноста на нашиот енергетски систем, кој се потпира на фосилни горива – вели Марта Мајерс од еколошката невладина организација „Пријатели на Земјата“.
Таа додаде дека енергетската криза на големо ги разниша европските економии и проекциите за закрепнување на Европа од пандемијата. Огромните цени на струјата принудија некои индустрии да го намалат производството, а европските потрошувачи сега плаќаат многу повеќе за греење, што дополнително го зголемува притисокот на инфлацијата, пишуваат европските медиуми.
Цените на европскиот гас оваа година до октомври скокнаа за 700 проценти, бидејќи глобалните економии закрепнаа од пандемијата и го „вшмукаа“ гасот, особено во азиските земји, додека европските резерви беа при крај, наведува „Јуроњуз“. Сепак, енергетската транзиција бара време, а некои експерти предупредуваат дека нестабилноста на енергетскиот пазар најверојатно ќе остане, бидејќи зелената транзиција ќе создаде дополнителна неизвесност за нафтата и гасот.