Дејвид Бизли, извршниот директор на Светската програма за храна на Обединетите нации (ВФП), порача дека милијардерите треба „да покажат акција сега и тоа на еднократна основа“, во интервјуто за „Си-ен-ен“ што беше емитувано на почетокот од месецов. Бизли конкретно ги наведе двајцата најбогати луѓе во светот, основачот на „Амазон“, Џеф Безос, и извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск. Во интервјуто, Бизли рече дека милијардерите би можеле да им помогнат на 42 милиони луѓе, кои буквално ќе умрат ако не се преземат чекори. Маск потоа на Твитер објави дека „ако ВФП може на таа платформа да наведе како точно шест милијарди долари ќе го решат гладот во светот, тој веднаш ќе продаде акции од ’Тесла’ и ќе помогне“. Меѓутоа, тој повика и на транспарентност за да се види како би биле распоредени средствата.
Според планот на ВФП, потребни се 6,6 милијарди долари во светот за да се обезбеди еден оброк дневно, што е потребно за преживување за секој од 42 милиони луѓе што се на работ на глад. Оброците ќе чинат само 0,43 долари по лице дневно или 157 долари по лице годишно. Бизли исто така наведе дека ќе има преглед на донациите. ВФП ќе потроши 3,5 милијарди долари на храна и испорака, со дополнителни две милијарди долари во готовина и ваучери за храна. Специфичните трошоци по држава изнесуваат околу 700 милиони долари, додека глобалните и регионалните операции би чинеле околу 400 милиони долари.