Партијата на шкотската челична леди Никола Стерџен има најголеми шанси за победа на изборите во Шкотска, а идејата за независност и за враќање во Европската Унија сѐ повеќе ја поддржуваат и гласачите од женската популација

Шкотската национална партија (СНП) е на прав пат да освои над 50 отсто од гласовите на изборите на националниот парламент во Единбург, а со тоа се враќа и опцијата за одржување нов референдум за издвојување на Шкотска од големото кралство. Ова е главниот фокус на медиумите од Велика Британија, кои информираат за т.н. суперчетврток, денот кога се гласа за регионалните парламенти во Шкотска и во Велс, за локалните совети во Англија и за градоначалник на Лондон. Но сепак вниманието е насочено кон Глазгов, бидејќи победникот ќе одлучува за иден референдум за шкотска независност.
Незадржливиот раст на СНП и политичката пролет на шкотската независност имаат корени во осумдесеттите години од минатиот век кога на Островот суверено владееше Маргарет Тачер, а во Северно Море беа пронајдени нови богати наоѓалишта со нафта. Шкотската гордост, која се разбуди по тривековната летаргија, беше поттикната и разбудена од централизацијата на власта на челичната дама, бескрупулозната политика кон работничката класа и рударите, затворањето на рудниците и челичарниците… Триесет години подоцна, шкотската челична леди Никола Стерџен, по преминување на магичната граница од милион гласови на претходното изјаснување на граѓаните, би можело да постави уште неколку рекорди, по добивањето широка автономија во 1997 година, пишува во анализата на „Нова“.
Судирот меѓу првата министерка Стерџен и нејзиниот некогашен ментор Алекс Салмонд, не ѝ наштети на рејтингот на водечката шкотска партија. Нема сомнение дека СНП со Зелените се во голем налет, и со партијата Алба на Алекс Салмонд се блиску до двотретинско мнозинство.

Со таквата недвосмислена порака на шкотските гласачи, британскиот премиер Борис Џонсон нема да може ноншалантно да ги повикува Шкотланѓаните да причекаат до 2050 година за организирање нов референдум за независност. Високата популарност на СНП и другите партии што заговараат независност на Шкотска се должи во голем обем на брегзит, но и на однесувањето на Борис Џонсон, кој ги предизвикува негативните чувства кај граѓаните на Шкотска. Главното оправдување на Џонсон да не се дозволи организирање втор референдум за независност на Шкотска е условот воведен од премиерот Дејвид Камерон дека резултатите од референдумот во 2014 година треба да важат барем за една генерација, заклучува коментаторот на „Нова“.
Изборите за 129 пратеници во шкотскиот парламентот за идните пет години одново ги поттикнаа дискусиите за тоа дали оваа покраина на Обединетото Кралство со 5,5 милиони жители треба да тргне по сопствен пат, а владејачката партија Шкотска национална партија сака да добие зелено светло за нов референдум за независност од Велика Британија.
Шкотската национална партија на премиерката Никола Старџен се надева на мнозинство во парламентот во Единбург, бидејќи тоа мнозинство би требало да го поддржи нејзиниот план вториот референдум за независност да се одржи кон крајот на 2023 година или веднаш по завршувањето на пандемијата на коронавирусот.
Предизборните анкети навестуваат дека СНП, можеби, и нема да оствари јасно мнозинство, па ќе мора да склучува коалиција. На контроверзниот референдум од 2014 година, чии поборници се сомневаат во крајните резултати, 55 отсто од Шкотланѓаните гласа „против“ независноста. Испитување на јавното мислење покажува дека во моментов резултатот би бил ист, односно дека 49 отсто од Шкотланѓаните би гласале против независноста, а 42 отсто би гласале за.
Поборниците на истапувањето на Шкотска од Обединетото Кралство, кои ги нарекуваат „индиреф 2“, тврдат дека брегзит, односно истапувањето на Велика Британија од членството во Европската Унија, радикално ја променило ситуацијата, бидејќи шкотските стопански гранки – рибарството и земјоделството се тешко погодени со раздружувањето од европскиот блок. Од СНП тврдат дека независноста би создала подобри почетни услови за Шкотска, која како независна држава би можела да ѝ пристапи на Европската Унија.

Во манифестот на СНП се наведува дека независноста би ѝ дозволила на Шкотска да го контролира сопственото стопанство, да создава нови зелени работни места и да ги поддржи технолошките стартап-компании. Секторите рибарство и производство на морска храна бараат директен пристап на единствениот пазар на ЕУ, се наведува во манифестот. Конзервативците, меѓутоа, го тврдат спротивното дека независноста „ќе му наштети на шкотското стопанство“. Тие тврдат дека Шкотска може да преживее само во рамките на британскиот сојуз и предупредуваат на економска катастрофа доколку Шкотска се повлече.
Истражувањата на расположението на гласачите покажуваат дека жените и младите гласачи ќе ѝ ја донесат победата на СНП на изборите. Пред неколку години главни заговорници за независноста на Шкотска беа мажите, а многу мал број жени ја поддржуваа оваа идеја. На референдумот во 2014 година само 42 отсто од жените гласале за излегување од Велика Британија. Денеска идејата за независност и за враќање во ЕУ ја поддржуваат речиси 60 отсто од жените.