Многумина веруваат дека најстарите, најретките мумии потекнуваат од Египет, од иконската Долина на кралевите, но тоа е погрешно. Првите луѓе за кои се знае дека ги мумифицирале своите мртви го сториле тоа во најсувото место на Земјата – крајбрежните заливи на пустината Атакама во Чиле, пренесува „Спутник“.

Народот Чинчоро се населил во Чиле околу 7.000 п.н.е. и развил техника за мумификација во околу 5.000 п.н.е., приближно 2.000 години пред античките Египќани да почнат да ги мумифицираат своите фараони.

Припадниците на Чинчоро биле ловци-собирачи од предкерамичкиот период, а иако се малку познати дури и во Чиле, земјата се надева дека апликацијата до УНЕСКО за статус во Светското културно наследство може конечно да ги доведе во центарот на вниманието.

Сместен во долината Азапа е археолошкиот музеј „Сан Мигел де Азапа“ во малото село Сан Мигел де Азапа. Оваа институција поседува мумифицирани остатоци од околу 300 припадници на Чичоро, иако само околу 10 отсто од нејзината колекција е изложена за јавност, бидејќи на музејот му недостигаат финансии и простор за соодветно да ја покаже целата колекција.

-Тоа е многу света колекција бидејќи повеќето предмети се поврзани со церемонијата на смртта- објаснува кураторот и конзерватор Мариела Сантос.

Постојат пет различни стилови на мумификација кои се користеле во текот на околу 4.000 години, иако Сантос вели дека најзастапени се црните и црвените мумии, кои биле обично полнети со стапови и со трска, украсени со перики и маскирани со глина на лицата.

Германски археолог Макс Уле, кој пред еден век ги открил мумиите во близина на плажата во Арика, им го дал името Чинчоро.

До неодамна Чилеанци не им придаваа голема вредност на богатствата долж нивната најсеверна граница, но ова веројатно ќе се промени додека Чиле ќе бара статус за локациите на Чинчоро. Предлогот треба да биде поднесен до УНЕСКО најрано во 2020 година.

Во периодот пред понудата, локалната власт ги засили напорите за промовирање на археолошкиот туризам и охрабрувајќи ги локалните заедници да се гордеат со тоа што се чувари на погребните места на Чинчхоро.