За првпат откако малезискиот авион „МХ17“ беше соборен во Украина, во јули 2014 година, издадени се обвиненија против осомничените во случајот, пренесува „Би-би-си“.

Тројца Руси и еден Украинец се обвинети за соборувањето на авионот и смртта на 298 патници и екипажот на авионот. Патничкиот лет на „МХ17“, кој патувал од Амстердам до главниот град на Малезија, Куала Лумпур, беше погоден со ракета и урнат за време на конфликтот во Украина.

Судскиот случај ќе започне на 9 март 2020 година во Холандија. За четворицата обвинети е издадена меѓународната потерница за апсење.

Истражниот тим од Холандија ги именуваше Русите Игор Гиркин, Сергеј Дубински и Олег Пулатов, како и Украинецот Леонид Карченко. Тимот сподели дека има „долга листа“ на лица од интерес кои се поврзани со истрагата.

Кои се четворицата осомничени?

Игор Гиркин, исто така познат како Стрелков, е поранешен полковник на Руската разузнавачка служба. Тој станал министер за одбрана во Источна Украина. Се верува дека тој бил лицето со највисок воен чин во областа, кој имал директен контакт со Руската федерација. Тој тврдел дека војската не го соборила патничкиот авион во Украина.

Сергеј Дубински бил вработен во руската разузнавачка интелигенција на Руската федерација. Според обвинителите, тој бил заменик на Гиркин и исто така во регуларна комуникација со Русија.

Олег Пулатов, кој бил дел од специјалните сили на руската разузнавачка служба, бил заменик-шеф на разузнавачката служба во Донецк.

Украинецот Леонид Карченко нема претходно воено искуство, но предводел воена единица како командант во Источна Украина.